Станислав Кашпарек (23) е човекот кој со седум гола во нашата мрежа, дополнително ги натера нашите ракометари и стручниот штаб, да седнат и да видат што и како против домаќинот во 3. коло (вторник 18:15).
По две „избоксувани“ рунди во групата Б, нашата репрезентација е сè уште на нозе, иако претрпе силен удар од Чешка и сега или ќе се исправи и ќе тргне во офанзива или ќе се соочи со елиминација.
Во моментов домаќинот Австрија има 4 бода после 2 триумфи и гол разлика 66:59. Втора е Чешка која има 2 бода колку што освои и Македонија, но Чесите имаат подобар меѓусебен учинок. Украинците се последни со 2 порази.
Математиката сега не е баш проста: треба да ја нокаутираме Австрија со најмалку 2 гола разлика, после што гонгот за крај на групата ќе означи и наш пласман во следен ринг.
Ова подразбира дека во случај Чешка да ја совлада Украина, тогаш Австрија, Македонија и Чешка на свое конто би имале по 4 бода па се прави мини-табела на која ќе се гледаат само меѓусебните дуели на овие три репрезентации.
Македонските ракометари би можеле да обезбедат пласман понатаму и со победа од еден гол разлика но тогаш ќе треба да постигнеме 32 или повеќе погодоци.
Најдобар епилог за Македонија би било ако Украина во некој случај успее да остане непоразена од Чешка, а ние со кој било резултат ја победиме Австрија.
Во случај Украина да ја совлада Чешка, Македонија и со реми оди во следната фаза. Но оваа опција е најмалку веројатна. Нерешени исходи и на двата меча нам не ни одговораат.