Македонската ракометна репрезентација денеска ќе го одигра петтиот и последен меч во групната фаза, а за да обезбеди квалификациски циклус за Летните Олимписки игри во Рио ќе треба да одигра уште три меча доколку стигне до полуфинале и загуби или четири меча доколку стигне до четвртфинале и загуби.
За тоа има две сценарија без разлика на резултатот од денешниот меч против Австрија кој ќе биде клучен за втората позиција во Б групата.
Прво сценарио:
- Доколку Македонија слави против Австрија, во осминафинале ќе игра против третиот од група А (Катар или Словенија кои имаат ист број на бодови). Денес Словенија игра против лидерот на групата Шпанија, а домаќинот Катар има дуел со Белорусија. Поголема веројатност е трети да бидат Словенците.
- Ако во осминафинале играме со Словенија и победиме, во четвртфинале играме со првиот од група Ц (Шведска или Франција) или четвртиот од група Д (Русија или Аргентина), кои играат меѓусебе во осминафинале. Проблемот тука е што најверојатно по целата математика и досегашниот тек на првенството, противник би ни бил Франција.
Второ сценарио:
- Доколку Македонија загуби од Австрија, во осминафинале ќе игра против второ пласиранта селекцијата од групата А (Словенија или Катар). Поголема веројатност е Катар да биде втор и да ни се падне во осмина финале.
- Ако во осминафинале играме со домаќинот и победиме, во четвртинафинале не' чека победникот од дуелот меѓу првиот од група Д (речиси сигурно Германија) и четвртиот од група Ц (тука за четврто се натпреваруваат Исланд и Чешка, ама не во директен дуел туку со различни противници). Германците најверојатно ќе го минат осминафиналето без разлика дали ќе им се падне Исланд или Чешка.
Обезбедени квалификации за ЛОИ Рио 2016 година без разлика кое од двете сценарија ќе се случи:
Опција 1
-Ако Македонија победи во четвртфинале, тоа значи автоматски дека ќе игра квалификации за Рио 2016-та, бидејќи ќе биде во топ 4.
Опција 2
-Ако загуби во четвртфинале, ќе се бори за посакуваното седмо место (последно) кое води на квалификации за Олимпијада, а таму поразените четири селекции од четвртфинале формираат две двојки. Поразените во дуелот меѓу селекциите од 5 до 8 играат финален меч што ќе реши која е седма екипа што оди на квалификации.