30.09.2014 - 30.09.2021. Вчерашниот ден беше голем за Комити и еден од најважните во историјата на клубот, навивачите, па и македонскиот ракомет.
Вардарци на тој ден го одиграа последниот танц во култниот ракометен храм, а Комити за последен пат пееја, скандираа и буквално грмеа од нивната препознатлива трибина.
Разделбата со незаборавната сала Кале беше проследена со многу моќно навивање во кое имаше измешани емоции, а судбината сакаше таму да биде и најголемиот навивач меѓу тренерите на Вардар, овој пат во својство на тренер на Загреб.
Фотографиите и снимките од тој ден се доказ за нераскинливата врска меѓу Вујо и Комити кои годинава на взаемно задоволство, по трет пат се заедно.
Темпераментниот Црногорец беше тренер на Вардар 2006-2009, па 2011-2013 и сега по трет пат, повторно во време на Михајло.
Снимките од Кале се легендарни и ќе останат вечно во срцата на секој вистински вардарец. И покрај тоа што изгледа силен како карпа, емоциите му попуштија.
„Ова беше посебен меч за мене. Се трудев да ги задржам емоциите, но не верувам дека некој жив човек кој се занимавал со спорт, покрај такво навивање на Комити може да остане цврст. Ова што јас го доживеав во Скопје, не знам дали некој друг спортист или тренер може да го доживее на друго место. Почестен и благодарен сум на Вардар, на Комити и цела Македонија. Тоа скандирање „Вујо мајсторе“ и тие аплаузи мислев дека ќе бидат првите 10-15 секунди, не очекував да траат 10 или 15 минути“, рече Вујовиќ.