Во првиот дел Вардар и ПСЖ играа израмнета „гол за гол" игра во која ниту една екипа не се одвои на повеќе од гол предност.
Резултатската неизвесност од наша страна ја одржуваа Дибиров и голманот Ангелов, но во последните десетина минути од првото полувреме затаи реализацијата.
Во 24-та минута гостите за прв пат направија предност од два гола (7:9), а по 26 минути игра по серија од 5:0 ја имаа и највисоката предност од +4 (7:11).
На паузата помеѓу двете полувремиња гостите од Франција предводени од Хансен кој постигна четири гола, заминаа со предност од 9:12.
Вардар имаше одличен старт на второто полувреме и по шест минути израмни на 14:14.
Следеше нов пад во играта на Вардарци, а гостите умешно ги користеа нивните грешки и направија разлика од +5 (18:23).
Понесени од пеколната атмосфера во „Борис Трајковски", Вардарци се вратија во игра и на минута до крајот израмнија на 24:24.
Голманот Милиќ го одбрани ударот на Хансен по што Вардар тргна во напад за победа на 23 секунди до крајот кој нашите не го реализираа и резултатот остана непроменет (24:24)
Чипурин со шест голови беше најефикасен во редовите на Вардар, а на голот се истакна Ангелов со 11 одбрани. Најефикасен кај гостите беше Хансен со 11 погодоци.