Необичниот потег на селекторот се случи на прес конференцијата после дуелот со Египет кога Онеста во еден момент изјави:
„Жером Фернандез веќе не е мојот примарен контакт со момците. Се вртиме кон нови и млади сили кои ќе мора да го носат составот во иднина“, Онеста ја збуни ракометната јавност.
Потегот е до толку необичен што Клод Онеста го смени капитенот по само два натпревари на СП (победи против Чешка и Египет), а Фернандез за Франција досега одигра 370 натпревари. Сега веќе поранешниот капитен и самиот беше шокиран и изненаден од одлуката.
„Да, секако дека сум изненаден и веднаш отидов да го прашам селекторот што се случило. Објаснувањето беше „ништо посебно“, а сè во служба на заедничката цел поради која сме овде. Тоа не го менува мојот став, останувам на располагање во кој облик и да треба. Но причината навистина не ја знам“, одговори Фернандез на новинарските прашања.
Селекторот Онеста не кажа кој ќе биде неговиот прв капитен сега, но необично е што ова ѝ се случува на селекцијата која има совршен дух и заедништво. Дали тоа подразбира дека веќе го немаат, останува да се види.
„Немам што да коментирам и додавам, кажав сè што имам и тоа е тоа. Не е точно дека не сум му кажал него, му кажав уште пред неколку недели. Озборувањата не ме интересираат, затоа што на прес-конференцијата беа Гигу и Порте и тие може да сведочат што кажав и на кој начин. Нема никаква афера, сè си оди по својот пат“, заклучи Онеста, видно збунет.
По логика на нештата, Никола Карабатиќ е доволно млад и доволно квалитетен да ја превземе улогата лидер и капитен на тимот, но останува нејасно зошто Онеста тоа го направи токму сега во Доха, а не пред заминувањето за Катар, што би било многу пологично. Фернандез против Египет даде само еден гол, одигра под нивото и можеби тоа е една од причините.
Француските медиуми пак нагаѓаат дека Фернандез се бунел и одговарал на некои од одлуките на селекторот Онеста, кој овојпат многу се налутил. „Нивниот однос е буквално како татко и син, а заедно функционираат уште од 1997. година. Оттука чуди одлуката на Онеста“, изјави Даниел Константини, поранешен француски селектор. На прес-конференцијата Онеста подолго зборуваше за иднината на францускиот ракомет, за Гребиле, за Акамбраја и Н'Гуесана, ракометари кои играат на позицијата на Фернандез и кои треба да ја унапредат играта на „галските петли“.
Француските новинари веднаш прашаа што со ОИ во Рио и Фернандез, а Онеста одговори дека тој не е отпишан, но ќе мора да покаже квалитет барем ист како оној на младите ракометари кои доаѓаат.
Фернандез пред заминување за Катар изјави дека нема потреба никому да се докажува, а тоа изгледа значи и крај на соработката меѓу нив двајца. Клод Онеста и Жером Фернандез почнаа уште во Тулуз во 1997. година, состав од кој ракометарот најави дека ќе замине.