По одличната низа од четири победи по ред, Вардар неочекувано ја прекина фантастичната серија во Лигата на шампионите на гостувањето против Колдинг каде одигра многу слаба одбрана. Токму тој сегмент од играта го посочи Раул Гонзалес пред мечот во сабота.
„Мораме да одиграме многу подобро во одбраната отколку на мечот против Колдинг и да бидеме агресивни. Не очекува тежок меч, противник кој е силен, кој има квалитетен тренер и кој го има најдобриот пивот во светот, но во нашата сала со нашите навивачи ние играме подобро. Сè уште сме во добра ситуација бидејќи сме на првата позиција на табелата, а доколку победиме ќе бидеме во уште подобра ситуација со 10 бода“, изјави тренерот на Вардар.
Уште една реприза на оваа средба, ќе биде дуелот меѓу таткото и синот Душабаеви. Бекот на Црвено црните за пресметката против тимот на Талант вели дека е најважно да не се прават многу грешки.
„Овој натпревар е многу важен за нас, бидејќи играме со директен ривал за висок пласман во групата. Но, играме дома пред нашите верни фанови и очекувам добра игра и победа. Ќе биде тешко, тоа е нормално, бидејќи ќе играме против еден од најдобрите тимови во Европа. Важно е да немаме многу грешки, бидејќи Кјелце тоа знае како да го казни. Исто така, одбраната мора да ни биде на многу повисоко ниво од мечот во Данска.", истакна десниот бек на Вардар.
Натпреварот Вардар - Кјелце се игра во сабота со почеток од 17:30.