Вардар стигна до многу важна победа против Пиг Сегед со која останува лидер на табелата во групата А со 3 бода пред Нант кој загуби од Загреб.
Унгарскиот вицепрвак од секогаш важи за незгоден противник па така беше и сега. Натпреварот беше тежок и неизвесен речиси во сите 60 минути, а на полувреме резултатот беше 16:14.
Клучните моменти за триумф се случија во последните две минути кога гостите ризикуваа и играа без голман, а Шишкарев и Карачиќ го искористија празниот гол за победа од 34:30.
Тимур Дибиров блесна со 11 погодоци и промаши само еднаш, а Лука Циндриќ постигна 7. Штербик го заврши мечот со 6 интервенции, а Милиќ со 5.
Следниот викенд Вардарци му гостуваат на Нант и доколку победат, математички остануваат први. Во случај на пораз, директен пласман во четвртфинале ќе можат да обезбедат во последното коло со Висла Плоцк на домашен терен.