Долгопосакуваното второ место во групата Ц актуелниот македонски шампион го освои вчера по поразот на Горење од лидерот Киелце, по што беше познато дека Словенците со 12 бода и математички ја губат втората позиција.
Овој триумф на Металург вкупно седми, беше само потврда за големиот квалитет на тимот од Автокоманда кој со 14 бода го поправи пласманот од минатата сезона. Првите 20 минути од натпреварот донесоа неисвезен ракомет со резултат 10:10, но од 21 до 27 минута избраниците на Лино Червар направија серија од 5:1 и ја имаа највисоката предност во првиот дел од 6 гола разлика. Полувремето заврши со предност на Металург од 18:14.
Доста мотивирано Металурзите го почнаа второто полувреме и со серијата од 4:1 по 10 минути игра имаа предност од 7 гола разлика. Дарко Станиќ го маѓепса голот во вториот дел и им приреди вистинско шоу на навивачите бранејќи ги сите шутеви на Данците.
По 20 минути игра гостинските ракометари успеаа да постигнат само еден единствен погодок, а секако најзаслужен за тоа беше фантастичниот српски голман. Македонскиот првак тоа одлично го искористи и ја зголеми предноста на 25:15.
Победата на Металург веќе беше јасно дека ќе биде убедлива, а на крајот резултатот на семафорот стоеше 32:18. За одбележување е податокот дека екипата која се бори за титула во данското првенство успеа на Металург да му даде само 4 гола во второто полувреме.
Најпрецизен во победничкиот состав беше Козлина со 7 гола, а Вугринец и Наумче Мојсоски натпреварот го завршија со по 6 погодоци. Инаку за големината на Металург говори фактот што се тим со најдобра одбрана во групната фаза. Македонскиот претставник во елитното клупско натпреварување примил 215 гола, помалку и од гигантите Барселона, Хамбург, Кјелце...
Противникот во осминафиналето, Металург ќе го дознае во вторник на 26 февруари, а можните противници се Атлетико Мадрид на Кире Лазаров, Чеховски Медведи и Динамо Минск.