Стартот на денешната четврта средба на Македонија на Светското првенство во Египет воопшто не совпаѓа со високиот пораз на избраниците на Данило Брестовац кои на крај можеби и не заслужија конечни 21:31.
Но Словенците влегоа како фаворити на овој дуел и одиграа немилосрдно второ полувреме во кое полека и трпеливо ја градеа предноста за да крај да ни го нанесат третиот пораз, а воедно и дебакл.
Она што мора да се издвои во нашата игра е подобрувањето и поголемата самодоверба во напад, која за жал траеше само една третина од мечот.
Македонија одигра одлични 20 минути во кои имаше предност од 2 гола разлика, а беше подобра и во одбрана каде на стартот најмногу се истакна Никола Митревски со неколку јаки интервенции.
Стоилов беше добро покриен на пикерската позиција, но Лазаров не грешеше од седум метри, а светла точка во тие мигови беше Филип Талески кој конечни се ослободи и реализираше брзи три гола.
Словенците израмнија на 9:9 и направија серија од 4:0 за водство од 13:9 на полувреме. Тоа беше период во кој го загубивме ритамот, а бројот на технички грешки повторно ни беше многу поголем од противникот.
Второто полувреме продолжи лошо исто како и крајот на првото, а тоа Словенија го искористи и ја зголемуваше предноста која потоа беше недостижна за нашите ракометари.
Брестовац некаде во 40-та минута го седна да го поштеди Лазаров и им даде шанса на помладите кои се бореа да се вратат резултатски, но не успеаа да дојдат под -6.
Прв стрелец во нашиот табор повторно беше капитенот со 5 гола, Кузмановски имаше 4, а Талески 3. Солидна партија имаат Митревски со 8 и Томовски со 5 одбрана, но Лесјак беше фантастичен со 16 интервенции и заслужено беше прогласен за играч на мечот.
Претпоследниот натпревар го играме против Русија в петок со почеток од 15:30 часот.