Нов добар настап на Македонија против холандска фурија и строги дански судии

Македонската ракометна репрезентација одигра повторно квалитетен натпревар против посилен противник на Мундијалот. Судиите ја претераа. Каде и да се сврти човек исклучување за Македонија или пенал за Холандија.

Второто коло на Светското првенство за Македонија донесе нов, уште потежок меч од оној против Унгарија, кој го загуби со 37:32.

Резултат кој не ја отсликува вистинската слика на мечот кој заврши со неверојатни 12 пенали во корист на Холанѓаните, дури 7 исклучувања за нашите ракометари од кои 4 во првиот дел, како и два жолти и два црвени картони.

Она што се најавуваше и очекуваше се оствари на теренот, а тоа е противник кој веднаш го наметна своето препознатливо брзо темпо на игра со брзо изведување од центар.

Но она што не можеше да се предвиди е строгиот критериум на данските судии кои ги изнамачија нашите ракометари со низа спорни одлуки.

Во првиот дел го исклучија од игра Павле Атанасијевиќ, а во вториот Милан Лазаревски. Се потпираа и на ВАР одлуки за неколку прекршоци, сите во корист на Холандија.

Од играчки аспект, радува повторно пристапот на момците на Кире Лазаров кои и на овој тежок натпревар, се прикажаа во далеку подобро светло од настапите на претходните големи натпреварувања.

Играа повторно храбро и со самодоверба, но на моменти им недостасуваше поголема креација во нападот. Направија 14 технички грешки. Клучот на мечот беше одбраната, која немаше лек за фуриозните напади на противникот.

Македонија се чини разултатски го испушти мечот при крајот на првиот дел кога при водство од 13:12 во 22 минута, прими 5 гола во низа.

Водството Холанѓаните го задржаа и на полувреме и во текот на целиот втор дел во кој имаше многу брканици. Нашиот максимум беше негативата од 2 гола.  Холандија не нè надигра, туку нè надтрча.

Филип Кузмановски повторно беше најефикасен во нашите редови со 9 гола, Серафимов постигна 6, а Марко Митев 4.

Кај Холанѓаните најдобар беше Рутгер Тен Велде кој имаше 11 реализации, главно од пенал. 

Македонија в недела од 18 часот го игра дуелот со Гвинеја, на кој реми или победа значат пласман на нашата репрезентација во главната рунда.

17 јануари 2025 - 19:59