Моќен старт на Вардар во Лигата на шампионите

Македонскиот шампион успешно го почна патот за Келн во новата сезона од најквалитетното клупско ракометно натпреварување. Монпеље го засени Вардар во прво полувреме, но во второ доби лекција по ракомет и загуби со пет гола разлика.

Тимур Дибиров со седмерец ја отвори новата сезона во ракометната Лига на шампиони за Вардар и потоа во прв план беа голманите. Штербик одбрани три удари, а Жерар пет. Од тоа профитираа домаќините кои играа подобро во напад и поведоа со 4:1.

Дибиров се намачи во неколку наврати да го совлада голманот на Монпеље и промаши четири зицери. Вардарци скоро 10 минути беа без постигнат гол, а лошата серија на напади ја прекина Брумен.

Французите беа подобар противник и ја одржуваа предноста, а проблемот на Вардар беше нападот. Циндриќ и Душебаев промашија пенали во првиот дел, а деби головите во новиот дрес во ЛШ ги постигнаа Деревен и Македа кои поради слабата организација во напад на Вардарци мораа да солираат. На полувреме Монпеље имаше 12:9, а Вардар направи 6 технички грешки.

Централната бековска позиција во второто полувреме ја зазеде Карачиќ, откако Циндриќ со повреда на ногата замина на пауза. Дибиров со гол ги отвори и вторите 30 минути, а по него реализираа Марсениќ и Токсиќ за израмнување.

Црвено црните во второто полувреме личеа на друг тим и за 9 минути игра направија серија од 8:2 за водство од 14:17. Во прво полувреме за 9 минути имаа постигнато само еден гол и тоа од пенал.

Работите за Вардар функционираа многу подобро во вториот дел, а Монпеље беше тој кој мораше да го брка резултатот. Македа во 42 минута го реализираше и петтиот погодок од пет обиди, а Токсиќ и Дибиров надополнија за +5.

Домаќините свикаа тајм аут за да го спречат залетот на македонскиот првак и потоа следуваа неколку грешки во напад за Вардар кој дозволи Монпеље да намали на 19:20. Серијата им ја спречи Стоилов со својот прв гол на мечот за +2.

Големата неизвесност на мечот почна во последните 10 минути во кои се играше брз и динамичен ракомет. Вардар ја одржување предноста од гол до два, најмногу благодарение на новото засилување Деревен кој реализираше во четири напади.

Клучниот гол кој им ги скрати нозете на домаќините беше погодокот на Карачиќ на две и пол минути до крајот кој зголеми на +4, а печатот на средбата го означи Македа за победа од 25:30.

Најефикасни на мечот беа Македа и Дибиров со по шест гола, Тоскиќ постигна пет, а Штербик беше одличен со 17 одбрани. Во второ коло Вардар го пречекува ПИК Сегед, в недела во 17:30.

20 септември 2015 - 18:38