По моќната Барселона која во Скопје пристигна како најголем фаворит за освојувањето на шампионската титула и која не помина против Вардар онака како што очекуваше, на ред е гостувањето на вториот фаворит за титулата кој повторно го чека пеколна атмосфера овој пат од навивачите на Металруг.
„Му давам предност на Пари Сент Жермен клуб со најголем буџет во ракометната Лига на шампионите и еден од главните фаворити за освојувањето на титулата. Тие во составот имаат тројца олимписки шампиони, потоа најдобриот играч во светот Хансен, како и тројца мои сонародници за кои сум многу врзан. Ако сакаме да бидеме рамоправен противник, тогаш не смееме да правиме многу грешки на овој натпревар", изјави стратегот на Металург, Лино Червар.
Откако хрватскиот стручњак ја анализираше играта и силните оружја на Парижаните, капитенот Мојсовски на кратко ги кажа своите предвидувања и изрази огромно задоволство што оваа сезона за натпреварите на Металург се продале над 3000 сезонски влезници.
„Имаме огромна почит кон ПСЖ затоа што се работи за најмоќниот клуб и еден од најдобрите три екипи оваа сезона во Лигата на шампионите. Како капитен може да ветам дека сите 16 играчи ќе го дадат максимумот на овој натпревар бидејќи само така можеме да се носиме со францускиот состав. Мораме да и се оддолжиме на оваа многубројна публика која секогаш не бодри од трибините", рече капитенот.
Тимот од Автокоманда нема да биде комплетен на саботниот дуел против францускиот шампион поради отсуството на Филип Миркуловски кој ќе паузира поради црвениот картон против Тун. Неизвесен е и настапот на Павел Атман кој тренира посебно и кој немаше голема минутажа на гостувањето во Швајцарија.