Лино Червар се наоѓа во тешка ситуација за да скрпи состав кој ќе му се спротистави на големиот фаворит кој во сабота со почеток во 21:00 часот му гостува на ранетиот Металург.
Ренато Вугринец тренира со тимот, но поради повредата на раката е неизвесен. Проблемите се зголемија поради стомачен вирус кој го закачиле Наумче Мојсоски, Филип Миркуловски, Владан Липовина и Дејан Манасков.
Левото крило на Металурзите успеало да се излечи и е во тренажен процес, а од клубот се надеваат дека на време ќе заздрават и останатите тројца. И покрај големиот број на проблеми, хрватскиот стратег се обидува да гледа позитивно и зборуваше за иднината на клубот.
„На играчите им е многу тешко, но јас и покрај поразот им честитав во Загреб, бидејќи сметам дека не заслуживме да загубиме. Ние не отстапуваме од нашата цел и визија. Сите работиме во клубот и им благодарам на сите што ни даваат поддршка во тоа што го правиме. Децата во Металург ги учам на 2-3 многу важни работи, да бидат добри луѓе и потоа добри ракометари, а тоа не е лесно, треба да се тренира денови и денови“.
Червар се осврна и на тешкиот дуел против силниот Бундеслигаш.
„Размислуваме на Кил, се подготвуваме, а денеска ќе гледаме и видео од нив. Без разлика со кои играчи ќе настапиме ќе дадеме се од себе за да им направиме изненадување. Иако беа во криза, на последните два меча покажаа дека играат добро и дека веруваат во победа. Ги имаат Дувњак, Канелас, Вуин и да не ви ги бројам сите познати играчи кои се репрезентативци. Мислам дека секој е ранлив“, изјави тренерот на Металург.
Силината на противникот и атмосферата во Металург ги коментираше и искусниот Ванчо Димовски.
„Знаеме за каков противник се работи и каков им е квалитетот и амбициите. По овие три кола мислам дека не заслуживме да бидеме на нула бодови, но тоа е спортот, претходните години до нова година имавме обезбедено понатамошен пласман. Се обидовме негативната енергија и лошата атмосфера да ги тргнеме преку натпреварите. Многу ќе ни значи ако првиот циклус го завршиме позитивно. Тргна возот, можеби не е отиден, имаме шанса да се качиме на него. Ако сега не можеше тогаш да се рестартираме следната сабота на гости“, рече Димовски.
Металург токму против екипата на Кил минатата сезона ги заврши настапите во Лигата на шампионите откако беше елиминиран во четвртфиналето по два убедливи порази.