Македонскиот првак е пријавен за настап во најелитното клупско европско натпреварување, но ЕХФ во петокот донел одлука да ги исфрли поради долгови.
Михајло Михајловски, кој се наоѓа во Келн, за македонските медиуми тврди дека одлуката на ЕХФ не е издржана и дека објаснувања се погрешни, на стаклени нозе и без никакви аргументи.
„ЕХФ и покрај тоа што вели дека должиме, тоа е „рекла казала“ и треба да се докаже. Во Македонија нема постапки на основа на што ЕХФ сака да донесе одлука. Оваа одлука не е издржана и во консултација со правници треба да ни биде образложена. Ова беше како гром од ведро небо.
Јас не се помирувам, ќе ги исцрпиме сите наши можности Вардар следната сезона да игра во ЛШ. ЕХФ смета дека нема шанси да се промени оваа одлука, но јас сметам дека може“, изјави Михајловски за 24 ракомет.
Според неговите најави ситуацијата треба да се расчисти во текот на оваа недела, кога ЕХФ треба да ги одреди екипите учесници заради ждрепката.
Михајловски во изјава за Слободен печат вели дека долговите на Вардар се од претходното раководство и најавува правда по судски пат.