По големиот триумф против Ла Риоха минатата сабота, ракометарите на Металург вечерва во Париз играа уште еден натпревар кој ќе им донесе големо искуство во кариерите на младите ракометари.
Металурзите растеретено влегоа во дуелот со ПСЖ и со головите на Димовски и Вугринец се држеа до 11' минута. Од тој момент парижаните се одлепија на 4 голови предност (7:3). Грешките во додавањата го чинеа Металург и негатива од 8 голови (16:8), а преку расположениот Марко Копљар ПСЖ на полувремето имаше комотни 9 гола разлика.
Во вториот дел и двете екипи потешко играа во нападот, но на ПСЖ му требаа само 4 минути да стигне до двоцифрена предност. Во 44' минута Французите поведоа 25:14 и предноста ја оддржуваа до крајот.
Конечни 35:24 за ПСЖ, по што Металург по шести пат сезонава загуби во седум дуели од ЛШ. Никола Маркоски со 6 гола беше прв стрелец кај Металург, а први голови во Лигата на шампионите постигнаа и младите Мартин Манасков, два гола и Нелоски еден. Македонскиот првак во последниот меч во 2014. година ќе го пречека Брест Мешков, следниот викенд во СЦ „Борис Трајковски".