Како одминува сезоната, Металург ја пронаоѓа играта но не може да врзе неколку добри резултати во серија.
Засилувањата кои дојдоа пред неколку дена, го подигнаа нивото на игра, но тоа не е доволно за победа против клуб каков што е Спортинг.
Пред мал број гледачи вечерва во сц. „Борис Трајковски“, Металург преку Димитриоски го отвори резултатот а дополнителна сигурност во играта влеваше голманот Мартин Томовски кој им одбрани неколку зицери на гостинските ракометари.
Најголемата предност Металург ја стекна на средината од првиот дел кога поведе 8-4 на крилата на Димитриоски, Лазаревски и новајлијата Рибеиро.
Но Спортинг не залудно е второпласиран во групата Ц во Лигата на шампионите па преку Валдез и Марцо брзо ја истопија позитивата на скопскиот состав.
На полувреме Металург отиде со водство од 18-17 благодарение на Димитриоски кој постигна 4 гола и Лазаревски и Рибеиро кои дадоа по 3. Во првиот дел за одбележување е и добрата партија на Томовски со 7 одбрани.
***
Во вториот дел гостите од Португалија како да се подразбудија и притиснаа посилно а Металург очигледно физички не можеше да им парира на фаворитите за прво место во групата. Спортинг полека го презеде водството и го сочува до крајот.
Македонскиот претставник имаше неколку прилики да се врати резултатски во игра, но промашувањата од чисти позиции и неколку технички грешки во додавањата ги чинеа нов убедлив пораз.
Најефикасен кај Металург беше Димитриоски со пет гола, Танкоски даде четири а Лазаревски три. Голманот Томовски имаше одлична вечер со 15 одбрани. Први стрелци кај Спортинг беа Валдез и Руезга со по пет гола.
Во следното коло Металург му гостува на Бешикташ на 17 ноември.