Пречка во четвртфиналето беше силниот противник Киелце кој два пати славеше во фазата по групи, но натпреварот Металург го почна како вистински домаќин, но и како да е голем фаворит. Големата ракометна претстава ја отвори Ренато Вугринец, а во првите 5 минути погодија и Мојсоски и Миркуловски за водство од 3:0.
Гостите од Полска дури по 6 минути го постигнаа првиот гол, но никако не успеаа да направат пресврт. Металурзите играа цврсто и со голема самодоверба, а некаде околу средината од полувремето имаа на три наврати водство од 3 гола разлика, но по ударите од неизградени позиции на Козлина и Вугринец Киелце стигна до -1.
Тимот од Автокоманда поддржан од преполнетата сала „Борис Трајковски" во која публиката со силна поддршка го поздравуваше секој гол, на четири минути до крајот на првиот дел ја врати предноста од 3 гола разлика благодарение на двата гола на Ракшевиќ. Следеа неколку грешки на нашите ракометари, а тоа Пољаците одлично го искористија и до паузата го израмнија резултатот на 13:13.
Во второто полувреме настаните на теренот не одеа во наша корист. Киелце го постигна првиот гол и за прв пат премина во водство, кое потоа изнесуваше и 2 гола разлика. Избраниците на Червар како да беа без идеја и не можеа да ја пробијат одбраната, а потоа следуваа уште 2 гола на гостите кои имаа водство од 21:17.
Полските ракометари ја демонстираа силата во вторите 30 минути и постојано беа надмоќен противник. Нивното водство варираше помеѓу 4 и 5 гола разлика, а македонскиот ракометен шампион како да беше паднат психолошки поради негативата пред своја публика. Во последните минути од мечот нашата гордост во Лигата на шампионите успеа да стигне до негатива од два гола.
Најпрецизни во нашиот табор беа Вугринец и Мојсоски со по 6 гола, а голем проблем за Лино Червар беше Дарко Станиќ кој се пожали на повреда во првиот дел и не беше во можност да го брани целиот натпревар.