Поранешниот шампион на Македонија, Металург никако не успева да ја сочува предноста што ќе ја стекне во еден натпревар од Лигата на шампионите сезонава. Со четвртиот пораз на петтиот натпревар во Групата Д, тимот од Автокоманда и дефинитивно ги загуби сите шанси за едно од првите две места кои водат понатаму.
Дури четири минути се играше без гол на двете страни, за домаќините да отворат со головите на Јанко Божовиќ и најновото засилување од Словенија, Давид Шпилер. Необично, украинскиот шампион цели осум минути го бараше патот до мрежата на Дупјачанец кој прикажа уште една репрезентативна партија. Сергеј Шелменко погоди за гостите дури во ’8-та минута од мечот.
Веќе по 11 минути игра, на семафорот во Борис стоеше 7-3, а за тоа најзаслужна беше гранитната и агресивна одбрана на Металург и разорниот шут од далечина на Божовиќ. Сепак дека искуството фали во скопскиот состав покажа брзото приближување на Мотор, кој најпрвин намали на 7-6, а набрзо и на 8-7.
Со одбранет пенал во финишот од првиот дел, Даниел Дупјачанец ја запиша и седмата одбрана до тој момент и благодарение на него Металург го затвори првиот дел со високи 12-9.
Мотор во Скопје дојде како лидер во групата и на стартот од второто полувреме почна да ја оправдува таа улога. Сергеј Шелменко нанижа три гола и предноста на Металурзите брзо се стопи. Како што гостите фатија залет, така растеше и серијата голови која во 45-та минута изнесуваше цели пет голови, 0-5 за водство на Мотор од 16-18.
Со третиот гол на новајлијата Шпилер, Металург успеа да се врати на гол негатива на две минути пред крајот 21-22, но Пуховски немилосрдно ја казни грешката во нападот на домаќините за израмнување и ги постави конечните 21-23. Најефикасен играч кај Скопјани беше Јанко Божовиќ со пет голови, а Шпилер и Жарко Пешевски дадоа по три. Кај гостите нивниот најдобар играч Шелменко постигна седум голови.
Во следното коло од групата Д, Металург на 19. ноември ќе гостува во Швајцарија, против Кадетен Шафхаузен. Во групата барем привремено лидер е Мотор со 10 бодови, а Металург останува со 4 освоени бодови на петтото место.