Избраниците на Лино Червар со далеку поголема самодоверба го започнаа вториот меч во новата сезона од Лигата на шампионите и прв пред своја публика. На самиот старт голот на Швајцарците со два погодоци по ред го разби капитенот Жарко Пешевски.
Потоа Шафхаузен го намали резултатот, но погреши во неколку напади по ред. Металурзите од тоа профитираа и преку Маџовски, Божовиќ и Костевски поведоа со 5:1. Натпреварот влезе во фаза во која се играше гол за гол подолго време, но тоа на Металург му одговараше бидејќи имаше контрола над резултат и играта и водство од 4 голови.
Червар свика тајм аут кога имаа -2 и потоа со головите на Мраковчиќ и Кузмановски малубројната публика во Борис Трајковски повторно го награди водството од +4 на своите миленици. Младиот состав на Металург делуваше многу мотивирано, а во првиот дел дури осуммина стрелци учествуваа со погодок во предноста од 15:11.
Пешевски, Божовиќ и Маџовски стрелаа по три пати во првите 30 минути, а Металурзите имаа само две технички грешки, за разлика од гостите кои направија осум.
Второто полувреме тимот од Автокоманда повторно го отвори одлично во напад. Десното крило Никола Костески по само 30 секунди од контра напад го матираше швајцарскиот голман за +5 на Металург, водство кое го одржуваше Мраковчиќ во следните два напади со два гола.
Шафхаузен намали на -3, но нишанот на Божовиќ беше наместен и во второ полувреме, особено во 43 минута кога со проектил од 9 метри и два прецизни напади по ред го однесе својот тим на 21:16.
Металург и натаму беше во одличен ритам и со ефикасна и мудра игра, не дозволи гостите да се доближат на повеќе од два гола разлика. Божовиќ гаѓаше од сите позиции, а голема помош во клучните моменти од средбата доби од 21 годишниот Лука Мраковчиќ.
Шафхаузен немаше лек за мотивираниот Металург. Точка на мечот стави Филип Талески со својот прв гол на средбата за конечни 28:24.
Најпрецизен беше Божовиќ со 8 голови, Мраковиќ постигна 5, а Маџовски 4. Еден од најзалужните за триумфот беше и расположениот Даниел Дубљанчанец кој одлично го чуваше голот.