Откако ракометарите на Монпеље минатата година веќе ја имаа обезбедено титулата во француското ракометно првенство, тие си дозволиле да одморат пет играчи и да загубат на натпреварот против Сесон Севињи со 28:31.
Меѓутоа овој пораз станал сомнителен откако полицијата добила пријава од француската лотарија каде биле забележани невообичаено големи уплати за еден ракометен натпревар. Според информациите од Франција, помеѓу луѓето кои уплаќале големи суми во кладилниците биле и сопругите и блиски пријатели и роднини на самите ракометари.
Вообичаено за еден ракометен натпревар се уплаќаат по неколку стотина евра, а овој натпревар бил блокиран во кладилниците кога биле уплатени вкупно околу 100.000 евра.
Доколку француската полиција докаже дека Монпеље намерно го загубил натпреварот, тогаш клубот може да ја загуби титулата, а на инволвираните им се заканува затворска казна и до три години.