Црвената фурија уште на самиот старт на мечот покажа зошто е најдобрата ракометна селекција во светот и по првите 9 минути игра обезбеди предност од 3:0. Нашите ракометари на стартот делуваа изгубено и без никаков концепт во играта.
Селекторот Ивица Обрван свика тајм аут, но ниту тоа не помогна за да се спречат налетите на Шпанија која зголеми на 4:0. Првиот гол за македонската репрезентација стигна дури во 11 минута преку Филип Миркуловски кој намали на 4:1.
Шпанците продолжија во ист стил во текот на целото прво полувреме и не дозволуваа лесен пробив низ цврстата одбрана. По првиот дел кој го загубивме со 13:7 светла точка во нашиот национален тим беше единствено Филип Миркуловски кој постигна 3 гола, а капитенот Кире Лазаров не успеа ниту да се закани со шут од игра.
Во вториот дел Шпанија повторно влезе фуриозно и погоди за само 20 секунди. Во одлична серија влезе Петар Ангелов кој за само 6 минути имаше 4 одбрани и со тоа како да ја врати надежта дека може да ја стопиме предноста на светскиот шампион. Со првите голови на Димовски и Георгиевски Македонија намали на -5.
Но Шпанците не застанаа ниту за момент и без никаква милост продолжија да го полнат голот на Ангелов кој пружи подобра партија за разлика од Борко Ристовски во првите 30 минути. Водството на гостите постојано растеше, а во 47 минута изнесуваше 21:13. Светските шампиони рутинирано го привршија мечот и славеа со 24:17.
Тотално индиспониран во играта на нашата репрезентација беше Кире Лазаров кој ги одигра првите 20 минути со промашен пенал и без ниту еден постигнал гол, а потоа се пресели на клупата најверојатно заради повреда.