Иако се соочи со пораз Македонската ракометна селекција ја оствари целта. Непосакуваниот противник Франција го избегнавме во осминафиналето, и ако е за утеха силите во следната фаза ќе ги одмериме со Германија која завшри првопласирана во Група А, затоа што попладнево славеше против Французите со два гола разлика.
Натпреварот против непобедливата Данска не е воопшто за фрлање, затоа што со малку поголема концентрација и желба Македонија можеше многу лесно да стигне и до триумф. Данците не влегоа во дуелот со голема мотиви, но во последните 10 минути од мечот кога се решавање победникот, спласна и желбата на составот на Шундовски.
Мечот почна во знак на голманите кои не дозволуваа да бидат совладани во првите 4 минути, но натпреварот потоа доби брз тек со многу голови, пред се од контри, а по 12 минути игра Македонија благодарение на шестмината различни стрелци имаше водство од 6:3. Данците губеа и со 4 гола разлика, а по тајмаутот стигнаа до реми.
Неизвесноста продолжи се до крајот на првиот дел, затоа што резултатот постојано беше израмнет. Мечот се движење гол за гол, атрактивен цепелин направи Филип Лазаров кој одигра одлично прво полувреме, и на пауза нашите ракометари отидоа со минимална предност од 14:13.
Во наша корист се одвиваа настаните се до половината на второто полувреме, до кога и постојано имавме водство и ја одржувавме предноста од 2 гола разлика. Одбраната попушти на 10 минути до крајот, европскиот шампион не грешеше во жестоките контри и направи серија од 5:0 со што се смени сликата на семафорот. Данска имаше водство од 30:25. На падот во играта на нашите ракометари и брзите успешни акции на Данска се надоврза и фантастичната серија одбрани на Грин.
На 3-4 минути до крајот успешни налети конечно имаа и нашите ракометари кои намалија на 31:29, момент во кои помисливме дека Европскиот шампион може да падне на колена. Но во главите на македонските ракометари како да се вртеа мислите кон Франција на која ќе налетавме во осминафиналето доколку тргневме пожестоко и поодлучно во одлучувачките 10 минути од мечот.
Вака на мегдан ни доаѓа уште една ракометна велесила, селекцијата на Германија преку која ќе се обидеме да направиме историски пласман во четвртфиналето кој до сега не сме го стигнале на светските ракометни собири.
Во ситуација кога ниту еден играч не се издвои на натпреварот, признанието за најдобар “ракометар“ му припадна на селекторот на Данска, Улрик Вилбек. Браќата Лазарови и Хансен беа најпрецизни со по 5 погодоци.