Македонија оди на Светско, Чешка нека учи како се игра ракомет

По бледото издание пред 4 дена во Злин, македонската ракометна репрезентација блесна во Борис Трајковски и му покажа на противникот кој треба да патува на Мундијалот во Франција 2017-та. Конечни 34:27 за момците на Лино Червар. 

Македонија еуфорично го почна мечот со желба веднаш да се одлепи од Чешка која допатува во Скопје со +6. Миркуловски и Мојсоски тргнаа мотивирано во нивниот последен репрезентативен меч и веќе на стартот отворија со по два погодока.
 
Нашите ракометари имаа 4:1, па 5:2 за огромно задоволство на полната сала Борис Трајковски. Водството можеше да биде и поголемо, но Кире Лазаров не реализираше седмерец, а одбраната тргна млако по што Чешка намали на 6:5.
 
 
Червар мавташе со рацете и бараше подобра игра особено во одбраната и потоа Македонија тргна во вистински правец. Во 18 минута со првиот гол на капитенот стигнавме прв пат до посакуваното водство од +7 (12:5).
 
Дејан Манасков беше беспрекорен од седум метри, Борко Ристовски врза три одбрани, Миркуловски се проби како шило во средината и серијата продолжи со два погодока на Манасков од игра со која имавме и +8.
 
 
Чешка немаше одговор за нашата игра која се подобро се развиваше и беше на она ниво кое е потребно. Во 23 минута Манасков го реализираше и четвртиот седмерец за водство од 15:7. Крилото на Вардар во заминување веќе во следниот напад и приреди на публиката и шоу откако направи цепелин со помош на Лазаров. 
 
На пауза Македонија замина со одлично водство од 19:11, благодарение пред се на фантастичниот Манасков кој имаш 9 голови и Муркуловски 5.
 
 
Работите тргнаа одлично и на стартот на вториот дел во кој добивме два седмерци кои едно по друго ги реализираше Лазаров, а веќе по 5 минути игра Гоце Георгиевски кој скоро ич не фати топка во првото полувреме, постигна гол за +10 гола разлика.
 
Нашиот национален тим имаше целосна контрола и врз играта и врз резултатот и изгледаше дури и чудно како сме загубиле 6 разлика од оваа селекција која беше немоќна да ни пружи отпор на речиси целиот реванш.
 
 
Во 44 минута забележавме предност и од +11 и до крајот падна само еднаш на 7 на минута до крајот. Нашите момци не дозволија изненадување и докажаа дека се поквалитетен противник од Австријците кој го заслужува Мундијалот кој почнува на 11 јануари идната година.

Играч на мечот беше Манасков со 11 голови, Лазаров постигна 8, а Миркуловски 6.