Капитенот Лазаров го отвори резултатот од пенал кога го матираше легендарниот Тиери Омејер (9-то ЕП). Во следниот напад, дебитантот на едно големо натпреварување, Филип Кузмановски од Металург (екс Пелистер) направи пенал, доби жолт картон, а Гигу израмни на 1-1.
Лазаров набрзо повторно ја донесе Македонија во водство, но по фантастичната реакција на Ристовски, ветеранот Гигу собра еден отпадок и го израмни резултатот. До 10-та минута се играше гол за гол, а Ѓеоргиевски и Манасков ја вратија Македонија на +1 (5-4) во 12. минута.
Квалитетната игра на црвено-жолтите ја потврди 19-годишниот Кузмановски кој со бомба од 10 метри го постигна првиот гол на ова ЕП и Македонија го одржа водството. Со играч помалку, во 14. минута од мечот Лазаров и Ѓеогриевски одиграа страшна атракција и цепелин кој го реализираше капитенот за водство од 8-6.
На половина од првиот дел беше 8-8, а Триколорите на два пати израмнуваа кога нашата селекција беше со играч помалку. Колку добро играа нашите во првото полувреме покажа и податокот што Никола Карабатиќ го постигна првиот погодок дури во 20. минута.
Борко Ристовски, кој година ипол играше во Кретеј, влезе во ритам одбрани два зицери и не одржа во минимална негатива од два погодоци, а во 28. минута Македонија израмни на 11-11 преку играчот на француски Тулуз, Гоце Ѓеоргиевски. Данските судии го изедначија критериумот кога го исклучија Порт а веднаш потоа и Абало на минута до крајот, но Лазаров промаши пенал (2/3) а Манасков со третиот погодок ги постави конечните на паузата 12-12. Максимално израмнето полувреме во кое Омејер имаше 11 одбрани од 23 шута (48% успешност).
Французите го отворија првиот дел со голот на Порт, а Триколорите се комплетираа по казните од првиот дел. Никола Карабатиќ по втор пат ја погоди мрежата на Ристовски, Французите за две минути се качија на +2, но збраниците на Ивица Обрван брзо израмнија во 35. минута со четвртиот гол на Лазаров а трет од пенал.
Во ситуација кога Карабатиќ не беше расположен, Франција го имаше неверојатниот Седрик Сораиндо кој со петтиот гол ги однесе Галските петли на +2 (20-18). Процентот на одбрани на Омејер почна да опаѓа, а Гоце Ѓеоргиевски беше инцијатор на страшната серија со кои нашите со 3:0 се вратија во егал со Францзуите за 20-20.
И покрај тоа што речиси 50 минути игравме апсолутно мотивирано и инспирирано, актуелниот европски, светски и олимписки првак покажа зошто е главен фаворит не само во нашата група, туку и на целокупното Европско првенство. Со неколку цврсти одбрани на кои нашите немаа одговор, Триколорите го скршија отпорот на нашата селекција и со прецизните удари на Сораиндо, Гигу и Порт ги поставија конечните 30:23.
Најефикасни ракометари во нашата селекција беа Лазаров со 9 погодоци и Манасков со 5. Кај Франција, Сораиндо најефикасен со 6 голови а по 4 дадоа Гигу и Мае. Во следното коло, нашите ракометари во недела од 20:15 часот играат против Полска, а Франција ќе игра против Србија.
Од останатите дуели денес, Хрватска со 27:21 ја победи Белорусија.