Петото место на Европското првенство во Србија ни ги дигнаа акциите и зголеми апетитите. Нашите ракометари во Гетеборг заминаа со улога на фаворити, а навивачите повторно се надеваат дека ќе имаат шанса за ново славје низ плоштадите во Македонија.
Ова можеби ќе претставува дополнителен притисок за ракометарите, но искусниот Ванчо Димовски ја прифати фаворитската улога.
„Проблем за мене е притисокот што го носи фаворитската улога која ние ја имаме на овие квалификации. Но, верувам дека со повторување на играта од ЕП во Србија ние ќе одиме на Олимпијадата", изјави Димовски.
Како и во Србија, така и во Шведска, ракометарите ќе имаат огромна поддршка од трибините. Од Македонија заминаа околу 600 навивачи, па заедно со македонските иселеници, во Гетеборг нашите ракометари ќе бидат бодрени од околу пет-шест илјади Македонци. Салата „Скандинавиум" на натпреварите на македонската репрезентација ќе може да го носи името „Македониум".
На првиот натпревар се среќаваме со Унгарија, а според Наумче Мојсовски токму овој дуел е од посебно значење.
„Овие три натпревари се за мене најважни во мојата играчка кариера. Посебно ќе го истакнам првиот натпревар против Унгарија кој треба да го одиграме тактички многу зрело. Доколку го добиеме 90% сме на Олимпијада. Потоа играме со домаќинот и посакувам веќе на тој дуел да обезбедиме пласман на ОИ", изјави Мојсовски.
Дуелот со Унгарија започнува во 14:45, во сабота во 16 часот се среќаваме со домаќинот Шведска, а во недела во 14:45 е дуелот со Бразил. Двете првопласирани репрезентации од овој квалификациски турнир ќе се пласираат на Олимписките игри во Лондон.