Лино Червар останува во Металург

Во пресрет на осмото коло во Лигата на шампионите, претседателот на екипата од Автокоманда ги демантираше пишувањата во медиумите за заминувањето на хрватскиот стратег.

Од таборот на македонскиот ракометен шампион досега немаше официјален став за тоа дали навистина играчите на состанок со клубот побарале Червар да си замине во рок од еден месец. На таа тема за прв пат проговори Левче Китевски.

„Никогаш немаше договор за заминување на Червар. Пред да се напише нешто треба да се праша, а ние ви стоиме на располагање. Подобро што премолчевме бидејќи ќе отидеше тоа во недоглед, само еден ја знае вистината, а тоа е Господ. Ние не бараме прошка, туку коректност и демократија. Си имаме своја политика на водење, имаме газда, шеф на стручен штаб, 1.700 членови, втора екипа која игра во Супер лига, правиме семинари за тренерските школи, но тоа никој не го пишува. На ниту еден од вас не сум му кажал напиши вака или така. Ние сме тие кои години наназад сме го создавале Металург, не може никој да не раскара. Против Ла Риоха  имавме 5.500 гледачи. Металург е народен клуб и ние ќе го вратиме нашиот рејтинг и на патеките што беше. Кога ќе имаме официјален став ќе го кажеме“, изјави претседателот на Металург.

На прес конференцијата  долго и емотивно излагање имаше Лино Червар, кој освен за дуелот против Мешков Брест, зборуваше и за состојбата во Металург.

„Знаете дека сме во специфичен момент и сакам на најубав начин да ве замолам најискрено да ни помогнете во овие тешки времиња за клубот, како што и секогаш знаевте да најдете позитивни зборови за нас. Знаете дека овој клуб постои многу пред мене, имаме спонзор кој 15 години не го финансира само РК Металург, туку во ред други спортови, така што некогаш сме горе а некогаш доле. Ние сме горди што во последните три години направивме успех кој претходно никој не го направил. Нашиот клуб се бори за опстанок, за живот. Како ќе имаме машки ракомет ако згасне Металург?“, рече Хрватот.

И покрај тешките моменти, Филип Миркуловски изјави дека играчите тренираат 100% и дека посакуваат победа за крај на годината во Лигата на шампионите.

„Гостувањето на Брест во сабота ни е последна шанса за да останеме во топ 16, а нормално ќе треба и другите резултати да ни излезат во прилог. Точно е дека имаме криза, тешко е да се работи во овие услови, но ние нормално дека сакаме да победиме. Атмосферата против Ла Риоха беше убава, салата не беше полна, но би сакале повторно да ја добиеме истата поддршка“, изјави Миркуловски.

Натпреварот меѓу Металург и Мешков Брест се игра во сабота во „Борис Трајковски“ со почеток од 19 часот.

4 декември 2014 - 14:22