Согласно концептот на емисијата, Лазаров зборува за долгата и шампионска кариера од Овче Поле 1995-та до Нант 2022-ра, почетните ракомени партии на асфлат во Св.Николе, развојот на кариерата во Борец и Пелистер, па сè до излегувањето од дома и предизвиците во Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико и врвот со европската титула во Барселона.
Се навраќа и на репрезентативната кариера, дебито на СП 1999, разочараноста што не бил повикан на Европското една година претходно, причините за јазот од 10 години и успесите и континуитетот со Македонија на големите натпреварувања.
Квалитетот во репрезентација смета дека може да продолжи со создавање на нови играчи кои би произлегле преку клубови со македонски концепт.
„Мислам дека на Македонија и се потребни повеќе концепти како Алкалоид, не само во ракометот, туку и во сите други спортови. Ние брзаме за резултатот, а не сме стрпливи за да го изградиме. Како држава не сме доволно финансиски моќни да купуваме играчи, а не ни се ни работи многу, мрзливи сме. Не ни создаваме, во изминатиов период немаме создаде играч. Последните играчи се создадени од Лино Червар со Металург, тоа се Талески, Кузмановски и Томовски кои се сега репрезентативци.
Ако немаме концепти како бивши Металург и сегашен Алкалоид, јас се надевам дека ќе се родат уште неколку такви, ние никогаш ќе немаме квалитетна репрезентација. Овој концепт е таков, со млади и талентирани играчи, треба време, имаме добри услови, дечките се развиваат. Првично не беше добро прифатен меѓутоа кај нас во Македонија знаете како е, ако не е добро зошто не е добро, ако е премногу добро се створа љубомора. Но ние си ја знаеме работата и работиме за доброто на Македонија. Имаме македонски коцепт со македонски играчи. Грешки правиме и ќе правиме, но мислам дека полека создаваме и за година и нешто градиме некој препознатлив бренд во кој ќе инсистираме 70-80% да бидат Македонци“.
Делот за иднината на македонската репрезентацина е на 30:00