Ракометарите на Вардар во осминафиналето ја елиминираа негативата од 6 голови и со голема мотивација и маестрална поддршка од публиката го наполнија голот на Висла. Сонот наречен фајнлфор кој лани за влакно им избегна, Филип Лазаров за Офф.нет вели дека и овој пат ќе биде тежок за остварување, но тоа што реваншот го играат на гости смета дека не менува ништо.
Која беше твојата прва реакција кога го извлекоа Кјелце за противник и колкави се шансите за Ф4?
На некој начин се направи муабет дека најмногу го посакуваме Кјелце за противник, но мое мислење е дека не заостанува по квалитет во однос на другите можни противници, туку само како име. Кјелце не е Барселона, но по играчи тука се некаде по квалитет. Мислам дека треба максимално да го искористиме првиот меч дома и да се повтори атмосферата и играта од мечот со Висла за да стигнеме до некоја победа. Дали тоа ќе биде 2 или 5 голови разлика, да не наѓаме. Ни треба перфектна партија и мислам дека шансите ни се некаде 50-50.
Колку менува тоа што овој пат реваншот не го играте дома?
Низ историјата се покажало дека подобро е реваншот да се игра пред своја публика, но по мене мислам дека е подобро кога не си фаворит прво да играш дома, да влезеш пред своја публика максимално концентрирано да стигнеш до поволен резултат и потоа да го браниш на гости. Тие видоа како игравме против Рајн Некар Ловен и како го наполнивме голот на Висла, така што мислам дека ќе бидат малку исплашени од атмосфеата и публиката, а ние тоа мора да го искористиме максимално. Потоа на гости сметам ќе ни треба перфектна игра како лани кога не успеа да не победи европскиот првак Хамбург. Но сепак прво најважно е дома, ако не постигнеме дома поволен резултат, мислам дека таму нема што да бараме.
Сте биле ли во слична ситуација како ракометарите на Висла Плок кои во саботата делуваа збунети од пеколната атмосфера, има ли некаде таква публика како во Скопје?
Не фати малку трема во Висла и таму влеговме со лоша игра веројатно и поради атмосферата. Исто и во Веспрем кога игравме во групна фаза, со помош на атмосферата лесно не добија. Многу екипи на домашен терен имаат голема поддршка и жешки сали, но мислам дека публиката во Скопје е број 1, а тоа го кажуваат и странски играчи. До сега се докажало не само сега во „Јане Сандански“, туку и претходно кога игравме во „Борис Трајковски“ и ние и Металург. Многу големи екипи паѓаат тука.