Бундес лигашот кој во својот состав има 13 интернационалци, оваа сезона во групната фаза ја оствари втората најдобра гол-разлика, зад Барселона, а од сите 24 екипи освои најмногу бодови (18), односно девет победи, еден пораз, и ниту еден нерешен исход.
„Играме против екипа која е најдобра во Европа, па и во светот. Екипа со многу ѕвезди како Дувњак и Канељас кои играат брз ракомет и добра одбрана. Хамбург има одличен напад со многу добри шутери како Марковиќ и Џорџиќ, така што ние мора да одиграме цврсто во одбрана, а во напад да инсистираме на долги напади и да не правиме технички грешки. Со помош на прекрасната публика се надевам дека ќе стигнеме до победа“, рече тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
За капитенот на Вардарци победа на првиот дуел со било каков резултат ќе претставува огромен успех.
„После Барселона, тимот на Хамбург е најквалитетен во Европа кој освои најмногу бодови и имаше најмногу победи во сезоната од Лигата на шампионите. Технички се поспремни од нас, но тоа не треба да не плаши, ние треба да одиграме поборбено од нив за да си го оствариме сонот, а тоа е да го минеме европскиот шампион“, вели Лазаров.
Мечот се игра во сабота со почеток од 18 часот, а реваншот е закажан за една недела.