Ракометниот стаж на Марјан Начевски се дели на 10 години како играч и 40 години како судија, делегат и единствен македонски делегат со лиценца за ракомет на плажа. Во интервју за 24ракомет, тој вели дека во животот му се жена му, синот и ќерката и ракометот.
Во неговата богата судиска биографија покрај големиот број на домашни натпревари, запишани се и Олимпијади, Светски и Европски првенства па се до делење правда на финалето од ЛШ на првиот Фајнлфор во Келн меѓу Кил и Сиудад Реал.
Начевски работел вкупно 18 години како генерален секретар на РФМ. Прво во периодот 1988 – 1996, а потоа во 2003 – 2013. Има многу случки за раскажување, ама и за него многу работи се раскажуваа. Добар дел од нив останаа чаршиски и во рамките на спортските кулоари оти никој не успеа да ги докаже наводите дека човекот има шиткано карти под рака на македонски навивачи среде Светски првенства.
„Не ми било срам да работам што и да треба за да направиме подобри услови за натпревар, за играчите, за репрезентацијата. Не сум имал проблем да бидам и економ, да трчам да печатам дресови, да лепам плакати во сала, дури сум масирал и играчи. Прашајте го Наумче Мојсовски, може да ви ја потврди случката што ќе ја раскажам.
Пред еден квалификациски меч со БиХ во Сараево, клучен за нас за пласман на ЕП, доаѓам во хотелот на репрезентацијата на неколку часа пред натпревар. Го гледам Мојсо седи сам во агол од фоајето, пие чај и ми вели `Вујче, јас нема да играм`. Му велам како нема да играш, клучен натпревар, ни требаш. Го повикав докторот, тој ми објаснува како Мојсо има температура, го болат коските, исцрпен...Секогаш со мене во автомобил носам еден лек, го зедов и со него скоро еден час го масирав.
Се препоти целиот и му велам сега одмори, а после на натпревар не само што ќе играш, туку ќе бидеш и најдобар играч и ќе постигнеш најмногу голови. Се одмори Мојсо, се тушира и доаѓа на натпревар и ми вели, мислам дека ќе можам да играм. На тој меч Мојсо имаше 9 од 10 и потоа ја победивме БиХ и во Скопје и се пласиравме“.
Вујче Ве викаат репрезентативците?
„Да, сите играчи ме викаат вујче, затоа што за се што им требаше да им донесам, да им купам, да направам јас бев тука и нели не можат татко да ме викаат, па ме завикаа вујче“.
Ќотекот во Прилеп
„Со Наче бевме навистина успешни како судиска двојка, што им пречеше на некои луѓе и правеа се за да не тргнат. Во тој период бевме номинирани за настап на Олимпијадата во Сиднеј. Тоа е време кога Кадиевски беше претседател на РФМ, а Марјан Огњановски генерален секретар и со нив имав некои партиски (политички) несогласувања. Ние се подготвуваме да судиме натпревар од домашното првенство во Прилеп, Тутунски комбинат и Вардар, и мене претпладнето ми се јави пријател од Прилеп за да ме предупреди да не доаѓаме да судиме, затоа што ќе не тепаат. Не ми беше верно затоа што никогаш во животот не сум имал таков проблем.
Отидовме и се исценира тоа што се исценира, свирнав `пенал со рогови` за Вардар и Шоковски ме фати за глава. Настана гужва, двајцата полицајци кои требаше да не заштитат и спроведат биле дел од договорот. Не разделија со Наче и јас влегов во соблекувална и попатно добив само една клоца. За разлика од мене, Наче помина многу полошо. Заврши во прилепската болница, потоа со амбулантно возило беше префрлен во Скопје и од толку што го тепаа едвај се спаси, едвај остана жив. Сега со Мане сме големи пријатели и мислам дека се кае за тоа што се случи“.
Непристојните понуди
„Нема судија кој е имун на пари, ако некој го каже тоа, излажал. Сум имал многу непристојни понуди, но во една ситуација им реков дајте ми 5 милиони марки и ќе ја згазам свирката и никогаш повеќе нема да судам. Кога ја слушнаа сумата се фатија за глава и ме прашуваа дали сум луд. Не го продавам амблемот и државата која ја преставувам за некоја смешна сума“.
А сега видеото од СП 2013 во кое Маки му вели на Филе: „Ќе ти ја скинам главата. Јас колку што имам во курот, ти во главата немаш“.
Целото ланско интервју со Марјан Начевски може да го прочитате на 24ракомет.