Црвено црните блеснаа пред месец дена против полскиот гигант со голема победа од 10 голови разлика, но денеска на реваншот на гостински терен прикажаа едно сосема друго лице.
Причините за поразот треба најмногу да се бараат во првото полувреме, најлошо за Вардар оваа сезона во Лигата на шампионите. Иако е за неверување, избраниците на Раул Гонзалез постигнаа само 6 гола за 30 минути игра, но благодарение на одличниот Милиќ примија 10.
Србинот беше фантастична замена за Арпад Штербик и најзаслужен што неговиот тим беше резултатски во игра. Најголемиот проблем за Вардарци беше креацијата во нападот која без повредениот Карачиќ воопшто ја немаше.
Пољаците играа грубо, а најголемиот ќотек го јадеше Горбок кој неколку пати лежеше на паркетот. Во 23 минута Матеуш Куз доби директен црвен картон по грубиот прекршок над Русинот, кој беше најборбениот наш играч со два постигнати гола од првите три за 23 минути игра.
Нашите ракометари промашија два пенали во првото полувреме и не успеаа да реализираат во два наврати со играч помалку. Лошата серија и отсеченоста на крилата ја прекина Шишкарев, а потоа два пати по ред погоди Дибиров.
Оваа индиспонираност во играта на Вардар не донесе големи промени во вториот дел. Вардар во еден момент ја имаше најголемата негатива од -7 и може да биде среќен што со ваквата безидејна игра не претрпе дебакл и загуби со 23:20.
Светла точка во второто полувреме беше Марсениќ кој ги постигна сите 5 гола во вторите 30 минути, а ист број на погодоци имаше Горбок. Душебаев постигна 4 погодоци, а Милиќ кој бранеше на целиот меч на крајот имаше 14 интервенции.
На 5 декември во Јане Сандански гостува Колдинг.