Една победа, едно реми, два порази и три одложени средби е епилогот на Вардар по седум изминати кола во Лигата на шампионите. Денешниот пораз не е изненадување, бидејќи во Скопје допатува Кјелце, полскиот гигант кој до сега најмногу покажа во групата А, во која е лидер со 11 бода од можни 14.
И покрај тоа што традиционално тешко му оди во Јане Сандански, сепак гостинот овој пат беше свесен дека е фаворит и дека оваа средба ќе се игра под други околности. Без публиката која е секогаш оружје плус за Црвено црните и со послаб ростер од лани.
Од момците на Стефче Алушевски за издвојување се два периоди од мечот во кои беа најмногу опасни. Прво фуриозниот старт во кој направија серија од 5:0 и на средината од вториот дел кога успеаа да стигнат до пресврт и да поведат со +1, предност која не ја задржаа долго.
Разликата во квалитет беше очигледна, а видлива беше и слабата подготвеност на Вардарци кои не се во играчки добар ритам затоа што цел месец немаа одиграно натпревар. Како да им фалеше сила, но и многу поголема организација и во напад и во одбрана.
Пољаците брзо се освестија по негативата на стартот и ја анулираа веќе во 13-та минута, а на полувреме имаа водство од 13:16. Резултатски со исклучок на оние 22:21 за Вардар во 45-та минута, беа во солидна предност во сите останати моменти од средбата која на крај ја добија со 29:33.
Главни на паркетот беа Алекс Душебаев кој се издвои со 10 погодоци и голманот Волф со 14 интервенции од кои 10 во првиот дел. Кај Вардар најпрецизен беше Јотиќ со 6 гола, а Чупиќ и Дибиров запишаа по 5.
Овие две екипи веќе следната недела ќе бијат нова битка во Полска закажана на 25 ноември.
Фото: Спорт 1