Жика Богдановиќ кој е редовен колумнист на balkan-handball напиша куса вест за формата на нашата ракометна гордост со наслов “NE STAJE: Kire Lazarov „kao dečko“.
Целта му е да потсети дека Лазаров иако на 10 мај следната година ќе наполни 39 години, тој сепак нема епизодна улога во Нант, туку покажува како се игра ракомет и на тие, за жал ќе ги наречеме последни години од кариерата.
Квалитетот не знае за годините на производство, пишува Богдановиќ, а ниту пушката му се лади, мислејќи на проектилите кои Кире ги лансира и во неговата втора сезона во Нант, а вкупно 22 сезона од кариерата која ја стартуваше во Пелистер 1997-та. Филип Талески тогаш бил годиначе.
Кире Лазаров има фантастична голгетерска серија од 22 гола на последните три меча во домашното првенство и Лигата на шампионите. Пред девет дена беше главна фигура во францускиот шампионат кога на 6 секунди до крај го постигна решавачкиот гол против Сесон Реан за победа на Нант од 29:28.
Постигна 9 гола со кои беше играч на натпреварот и заслужено се најде во идеалниот состав на колото.
Потоа следуваше уште една блескава партија, овој пат во ЛШ каде Нант го совлада Целје со 27:20, а Кире повторно беше најефикасен играч на средбата со 7 погодоци.
Нант пред два дена во домашното првенство го совлада и Истр со 35:32, а Кире беше непогрешлив со 5 од 5 плус 2 асистенции.
Лазаров сезонава имаше извонредни партии и против Монпеље на првенствен и ПСЖ на меч од ЛШ. На актуелниот европски првак му даде 7 гола , а Нант славеше, додека против Парижаните даде 6, а неговиот тим загуби со само еден гол разлика.
Нант тргна во одбрана на сјајниот резултат од минатата сезона кога стигна до финалето од ЛШ во Келн. Но колку ќе биде тоа тешка задача, се гледа уште по првите пет кола во кои има само две победи.
Затоа Кире и другарите во првенство газат и се единствена екипа со 7 од 7 на лидерската позиција. Втор е Шамбери со 6 победи и едно реми, а трет ПСЖ на Раул Гонзалес кој има 5 победи, една нерешена, но и натпревар помалку.
Одличната форма на Лазаров посебно го радува токму селекторот Гонзалез во пресрет на двата квалификациски дуели за пласман на ЕП 2020 година против Турција на домашен терен (25 октомври) и Грција на гости (28 октомври).
На Википедија нека не прават основни грешки со најдобриот стрелец во историјата на ЛШ кој прв стигна до бројка од 1.000 голови. Каква пензија, Кире ќе биде капитен на Македонија и на Светското првенство во Данска и Германија закажано за 10 јануари.