Кире Лазаров: „Ова Европско е нерегуларно“

Селекторот на Македонија и еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Кире Лазаров смета дека континенталниот шампионат во Унгарија и Словачка организиран од ЕХФ не е регуларен. Цело Европско го следат циркузи.

Македонската ракометна селекција неуспешно настапи на Европското првенство и со три порази во групната фаза се прости од понатамошно учество на турнирот.

Селекторот и играч Кире Лазаров поради повреда на еден од последните тренинзи пред стартот се повреди па воопшто не истрча на паркет.

Лазаров, да потсетиме, е првиот истовремено и селектор и играч на еден национален тим на најголемите ракометни натпреварувања.

Македонија под негово водство изгуби од Словенија, Данска и Црна Гора и заврши 22 од вкупно 24 селекции. Наш најслаб настап на Европските првенства.

На новинарска констатација дека Македонија потфрли резултатски, на Лазаров му поставиле прашање колку короната е крива за такво потфрлање?

„Ние исто (како и Хрватска) тргнавме во процес на подмладување на репрезентацијата. На последно тестирање пред поаѓање на Европ дури седум многу важни играчи беа позитивни, а поради повреди останавме без тројца важни играчи (Манасков, Марковски, Лазаров). Така нас несреќниот ковид не натера, сакале или не, да играме со клинците“.

„Јас имав шест играчи со 20 години во составот, а и покрај тоа до 59. минута бевме во егал со Словенија и Црна Гора. Не се исплати сега да се плаче. Во денешно време и онака секој која било ситуација ја толкува на поинаков начин, онака како што му одговара и врз основа на тоа каде гледа интерес.

Најважно е да не изгубиме глава во овој хаос. Мораме да ја прифатиме ситуацијата и да гледаме напред“, вели Лазаров за хрватски Index.

Селекторот на Македонија додава дека се сложува во оценката на многумина дека ова Европско е тотално промашено.

„На ова првенство не важат никакви правила и нема регуларност. Не е можно да се процени нечија сила и да се даде права слика за јачината на некоја репрезентација со оглед на тоа дека некој порано или подоцна запаѓа во проблем со корона. Чудно е што единствено Данците ги немаат тие проблеми“.

Легендарниот Лазаров кој е најдобар стрелец во историјата на Светските првенства вели дека за него фаворитите за злато се јасни.

„Данците навистина добро туркаат. Моќни се, одат јако и поминуваат се без никакви проблеми. Французите добро се држеа, но мислам дека паднаа. Секоја репрезентација освен Данска има многу проблеми во разни моменти и затоа мислам дека ова првенство е чудно и нерегуларно“.

Најголема забуна предизвика веста дека и покрај позитивниот тест лидерот на Франција Никола Карабатиќ играл на вториот меч на оваа селекција во групната фаза. Ракометарот на ПСЖ помина без никаква казна и комотно играше на следните натпревари.

25 јануари 2022 - 12:39