По Мундијалот во Египет каде имавме неславен настап, селекторот Данило Брестовац очекувано доби отказ, па кормилото на репрезентацијата беше празно.
На синоќешниот состанок на УО на РФМ се донела одлука која што ја соопшти првиот човек на федерацијата Живко Мукаетов.
„Денес ја имам посебната чест и привилегија, сакам да кажам една вест што е многу важна за натамошниот развој на македонскиот ракомет. На вчерашниот состанок на УО на РФМ донесовме одлука за нов селектор, тренер на машката репрезентација да го избереме апсолутно најголемиот спортист во историјата на Македонија, Кире Лазаров.
Се договоривме со Кире тој да биде нов селектор – тренер на машката ракометна репрезентација, во период од една година додека ја добие мастерс-коуч дипломата. Потоа тој ќе добие четиригодишен договор како селектор. За мене е чест и привилиегија да ви ја соопштам таа вест, бидејќи ова е голем ден за македонскиот ракомет. Пресреќен сум што заедно со Лазаров ќе ги биеме битките за македонскиот ракомет“, кажа Мукаетов.
Деценискиот капитен на нашата ракометна селекција се заблагодари за довербата. Лазаров е на пат да ја добие мастер-коуч дипломата па поради тоа неколку месеци ќе ја води репрезентацијата како тренер, не номинално како селектор. Договорот му важи 4 години.
„Сакам да се заблагодарам на претседателот и УО за поддршката, без размислување го прифатив овој голем предизвик за мене. Македонија не сум ја одбил, така и во оваа ситуација. Нè очекува голема одговорност, работи кои заедно ќе ги направиме. Се надевам на успешна и долгорочна соработка во иднина“, беа првите зборови на Кирил Лазаров.
Дебито на клупата во улога на селектор, Лазаров ќе го има набрзо, во март кога нè очекува двомеч светскиот првак Данска во квалификации за Европско првенство.
„Мене Данска ми е како судбина. Тренерска кариера почнувам со нив. Имаме план, ЕХФ неделата почнува на 8 март. Со Нант завшрувам на 3 март против Веспрем, од следниот ден веќе ќе бидам на располагање. Ќе направиме план и со РФМ за да ги искористиме што е можно повеќе од деновите на располагање. Да истестираме што повеќе играчи, да видиме кој би можел да го носи репрезентантивниот дрес. Секој ден ни е важен за да воведеме нов систем на игра. Наскоро ќе го обајвам списокот на 35 играчи како и мојот стручен штаб“, додаде новиот предводник на македонската селекција.