Само еден ден до стартот на кам бекот на Црвено-црните во најелтиното клупско ракометно натпреварување по пауза од 3 години. Поубав и поспектакуларен почетокот на новата ера на Вардар со ново раководство, нов тренер и голем број на засилувања не можевме да посакаме.
Во Скопје доаѓа гигантот на европскиот ракомет Барселона засилен со неколку играчи меѓу кои Никола Карабатиќ и нашиот најдобар ракометар и капитен на македонската репрезентација Кире Лазаров.
„Знаеме колку е квалитетна Барселона и не треба повеќе да трошиме зборови. Мислам дека треба повеќе да се сконцентрираме на нашата игра и да докажеме зошто сме на ова натпреварување. Немаме што да загубиме на овој натпревар, можеме само да добиеме. Времето за воигрвуање заврши така што сега ни преостанува да се појавиме на терен и да одиграме најдобро што знаеме", изјави капитенот Филип Лазаров.
Пофални зборови за противникот упати и Зоран Кастратовиќ кој рече дека се работи за клуб со голема традиција и реноме во европскиот ракомет, но со 100% од своите можности и поддршка од трибините се надева на голем отпор против фаворитот на овој дуел.
„Секако дека ни е потребно време за воигрување затоа што во тимот имаме ракометари од две различни школи, балканска и руска, но сметам дека за овој натпревар квалитетно се подготвуваме во текот на целата недела. Барселона постигнува голем број на голови, но така не беше на финалето од Суперглоуб против Хамбург. Со максимално дисциплинирана игра ќе се обидеме да ги сопреме во нападот и да ги спуштиме под 30 гола", рече стратегот на Вардар.
На денешната прес конференција на Вардар беше претставено и последното засилување, голманот Петар Ангелов кој по три години минати во Металург, повторно се врати во својот поранешен клуб.