Како стојат ракометарите со плати?

Добро познато е дека парите во ракометот се ситнеж во споредба со фудбалот, ама пркнале во споредба со лани. Ако до пред неколку години милион евра беше плафон за годишна плата, сега е скоро два.

По завршувањето на Европското првенство минатиот јануари Totalsportal ја извади листата на најплатени ракометари во светот. На неа имаше само двајца ракометари со годишна плата изрзена во милионска сума.

Тоа беа Микел Хансен со 1,5 милиони по сезона и Никола Карабатиќ со 1 милион. И двајцата како членови на ПСЖ. Сега има 10 такви.

За време на Мундијалот во Полска и Шведска, излезе нова листа на најплатени ракометари на која може да се забележи дека од првите 10 никој не е под 1 милион по сезона.

И покрај 38-те години години, Никола Карабатиќ според најновиот договор со ПСЖ до 2024-та, сега е најплатен ракометар на планетата со 1,8 милиони евра годишнo.

Втората позиција ја делат брат му Лука и Сандер Сагосен (Кил) со по 1,5 милиони евра. Микел Хансен (Алборг) сега котира како четврти со 1,2, исто колку што има и Феран Соле (ПСЖ).

Листата на топ 10 ја заокружуваат Мелвин Ричардсон (Барселона), Дика Мем (Барселона), Никлас Екберг (Кил), Каулди Одриозола (Нант), Јанис Лене (Монпелје), сите со по 1 милион.

Од нашиот регион најплатени се Хрватите Лука Циндриќ (Барселона) како 19-ти на листата со 650.000 евра годишно и Домагој Дувњак (Кил) како 28-ми со 500.000 по сезона.

Кај нас платите се табу тема во секој спорт и секоја информација се сведува на чаршиски муабет или ако познаваш човек во некој клуб.

Во 2020-та Handball tv објави дека најплатен играч на Вардар е Игор Карачиќ со 15.500 евра месечно, а капитенот Столе Стоилов беше шести на листата со месечна плата од 10.000 евра.

24 јануари 2023 - 12:41