По гостинскиот триумф против Целје на гости, македонскиот вицешампион го игра првиот натпревар во новата сезона од ракометната Лига на шампиони пред своја публика.
„Ова е многу важен меч за нас бидејќи играме против силен тим. Групата е многу тешка, но на домашен терен мора да освоиме повеќе бодови. Гостите играат слична одбрана како нашата пет-еден, но ние сме подготвени. Малку се плашам бидејќи ова ќе биде инаугурација во новата сала, возбудени сме и имаме притисок. Јасно ни е дека во Цејле не игравме како што треба и ако тоа беше меч против Кил сигурно ќе загубевме.“, изјави Раул Гонзалез.
Против рускиот противник дури петмина вардарови Руси ќе настапат како поранешни нивни играчи. Тоа се Михаил Чипурин, Алексеј Растворцев, Даниил Шишкарев, Сергеј Горбок и Тимур Дибиров.
„Натпреварот со Чеховски Медведи ќе биде посебен за сите руски ракометари во Вардар, но тука нема другарство, тие имаат искусни ракометари кои играат во Лига на шампиони, но и млади таленти. Мечот ќе биде тежок, но ние мора да стигнеме до победата. Салата “Јане Сандански“ сакам да биде неосвоива тврдина“, рече Дибиров.
Историјата во новата сала, Вардарци ќе почнат да ја испишуваат во сабота со почеток од 19 часот, а 10 денари од секој билет ќе биде дониран за хуманитарни цели.