Филип Лазаров раскажа анегдота од детството со Кире

Капитенот и селектор на македонската ракометна репрезентација, реши долгиот животен пат до славата да го раскаже во книга, која тежи 230 страници. Вели дека ќе прочитаме работи кои до сега не сме ги чуле за него. Збор два на промоцијата доби и брат му.

Македонската ракометна икона која стигна до спортските височини собра на едно место многу славни ликови како Пепи Манасков, Веселин Вујовиќ, Индира Кастратовиќ, Зоран Кастратовиќ, Илија Темелковски, Тимур Дибиров и ред други луѓе од ракометот, како и цела репрезентација.

Во соработка со српскиот новинар Жика Богдановиќ изработи автобиографија во 4.000 примероци која го носи името „Секогаш на победа“ и која следен месец ќе биде достапна на српски, а следната година и на англиски јазик.

На промоцијата беше и Филип Лазаров кој се потсети како почнале со неговиот постар брат.

„Ако нему му се спиеше, не смеев да дишам. Ако нему не му се спиеше, тоа значеше бесна ноќ пред нас. Постојано си шутиравме еден на друг, топката беше направена од чорапи, фотелјата беше поставена да имитира шут од крило“, рече Филип.

За Маестро Кире Лазаров кој и на 41 година се одржува во форма, ова е дефинитивно последна сезона во кариерата која ќе ја заврши како член на Нант.

На промоцијата им порача на идните генерации дека ќе мораат да се откажат од многу работи, доколку сакаат да се искачат на врвот.

Истакна и дека јавноста во книгата ќе има можност да прочита работи кои не ги знае за него.

„Треба да имате многу храброст и сила да ги кажете работите на овој начин, меѓу нив има и некои досега некажани работи. Цела Македонија ја следи мојата кариера и сите знаат многу за мене, но во оваа книга ќе прочитате и некои работи што првпат ќе ги слушнат поголем дел од вас“, кажа Лазаров.

За неговите успеси и рекорди веќе излишно е да се зборува. Тој е прв ракометар во историјата со 1.000 голови во Лигата на шампионите, која инаку ја освои со Барселона.

5 ноември 2021 - 15:07