Репрезентацијата на Бразил важеше за аутсајдер, а нашите ракометари на квалификациите за Олимписките игри отпатуваа како фаворити во групата, но тие по трет пат ја повторија слабата игра во одбраната и со многу грешки во нападот заслужено беа поразени со 28:27.
Македонија на стартот поведе со 0:2, но Бразил направи пресврт од 4:3, а по 12 минути игра за прв пат дојдоа до предност од 2 гола (7:5).
Во 16-та минута македонската репрезентација израмни на 8:8, но по 4 минути Бразилците со серија од 3:0 стигнаа до најголемото водство од 11:8.
На 5 минути до крајот на полувремето, Македонија повторно израмни (12:12), но Бразилците повторно се вратија во водство, а во последната секунда Кире Лазаров не реализираше пенал и на полувремето се замина со негатива од 15:13.
Во првото полувреме најефикасни во нашите редови беа Стевче Алушевски и Кире Лазаров со по 3 погодоци.
Бразил на почетокот на второто полувреме ја врати предноста од 3 гола (17:14), но нашите ракометари за прв пат на натпреварот направија серија од 4:0 и конечно поведоа со 17:18. Сепак Бразилците го искористија исклучувањето на Марковски и возвратија со иста мера по што повторно поведоа со 3 разлика (21:18).
Во 48-та минута Бразил ја направи и најголемата предност од 25:21, но по 6 минути Македонија стигна до негатива од еден гол (26:25) по што натпреварот влезе во неизвесна завршница.
Сепак во последните 5 минути нашите ракометари пропуштија 3 шанси за израмнување и го загубија и последниот натпревар од овие квалификации со 28:27.
Најефикасни ракометари во македонската репрезентација беа Кире Лазаров со 6 и Дејан Манасков со 5 гола.
фото: МКД.мк