По вечерашната победа, Фајнал Форот е многу поблизу за тимот на Индира Кастратовиќ од моментот кога го дознавме противникот во четвртфиналето.
Средбата почна со одбраната на Ина Суслина, а веднаш потоа Барбара Лазовиќ со гол го отвори резултатот. Следуваше третата одбрана на руската голманка, која беше несовладлива во првите три минути, а Вардарки го искористија тоа и поведоа 3-0. Дорина Коршош, една од најталентираните ракометарки во Унгарија намали 1:3 од пенал.
Малата криза во играта на нашиот тим гостинките ја искористија во 12. минута, кога со серија од 2-0 намалија на 6-4. Само две минути и требаа на Хајди Локе со вториот погодок, а 65-ти во сезоната да израмни на 6-6.
Цели пет минути Вардарки не дадоа гол, за конечно Јованка Радичевиќ да го пробие мразот, а веднаш потоа и Андреа Лекиќ од пенал да му донесе на Вардар нова предност од два гола разлика. Осум загубени топки имаше Ѓер до 20. минута, а Вардар тоа го искористи и стекна четири голови предност, 11:7.
14-10 на полувреме беа доказ дека црвено-црните одлично влегоа во натпреварот. Суслина имаше 11 одбрани, а погодоците одлично беа распоредени при што Сираба Дембеле беше најефикасна на паузата со 3 голови.
Со четвртиот гол на Јованка Радичевиќ, Вардар го скрши малерот од пет минути без гол во вториот дел и ја врати највисоката предност од четири голови, 19-15. Иако Ѓер влезе во натпреварот како фаворит, на крилјата на пет илјадната публика, Вардар одлично парираше во текот на целиот меч и успеа да го скроти актуелниот европски првак.
Барбара Лазовиќ го постигна третиот гол за нови пет разлика предност за Вардар во 19. минута кога Ѓер остана со играч помалку. Унгарките не можеа да се носат со пеколното темпо наметнато од Вардар. На пет минути до крајот од мечот, Вардар имаше 22-17, а во самиот финиш Амандин Лејно ја круниса одличната вечер на Вардарки со одбранет пенал за конечни 24:18.
Најефикасни ракометарки кај македонскиот шампион беа Јованка Радичевиќ со 6 и Андреа Пенезиќ со 5 голови. Феноменална вечер имаше и Ина Суслина со 14 интервенции. Кај Ѓер, 5 голови постигна Ана Сен (3 од пенал).
Реваншот е за седум дена, на 11. април во Ауди Арената во Ѓер со почеток од 16:00 часот. Вардарки тогаш ќе се обидат да го одбранат фантастичното издание од Скопје и да обезбедат пласман на Ф4 во Будимпешта. Фајнал форот се игра на 9. и 10. мај.