Ракометна Лига на шампиони

Драматичен прв пораз за Вардар во Лигата на шампионите

Откако го совладаа Загреб во дуел од СЕХА лигата, Вардарци вечерва загубија на гости од хрватскиот шампион 28:27 (12-17), во петтото коло од европската Лига на шампиони.

Вечерашниот дуел во Загреб Вардарци го започнаа како сите претходни во Лигата на шампионите со резултатска рамнотежа. На секој гол на „Црвено-црните“ домаќините брзо возвраќаа.

Првата мини-серија Вардар ја направи при резултат 10-10 кога се одлепија на два гола предност 10-12. Следуваше фуриозна игра на македонскиот првак кој до полувремето постигна пет ефектни погодоци за водство од 12-17.

Избраниците на Раул Гонзалес делуваа дека се спремни да ја остварат и петтата победа во елитната Лига на шампиони.

Вториот дел наместо мирна игра донесе драматично продолжение и Хрватите експресно се вратија во резултатски ритам. Тимот кој пред неколку дена остана без поранешниот омилен тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ постигна пет гола и се врати на само два гола негатива.

Неизвесноста траеше во текот на целиот втор дел. Во 29. минута Загрепчани намалија на 23-24 и тоа значеше нова драма во ЛШ за „Црвено-црните“.

Добривоје Марковиќ постигна гол за 24-24 а Алекс Душебаев промаши две стопостотни шанси за да го реши победникот во последните 30 секунди, но тоа не му успеа затоа што домашниот голман Стевановиќ на Загреб со бравурозните одбрани му донесе значајна победа а на Вардар му го нанесе првиот европски пораз сезонава.

Во следното коло кое ќе се одигра после три недели пауза, Вардар во „Јане Сандански“ ќе игра против лидерот во групата, полскиот Киелце кој е актуелен европски шампион.

 

22 октомври 2016 - 21:58