Достоен пораз за „Црвено црните“

Македонскиот ракометен шампион имаше маестрално прво полувреме во кое беше целосно рамноправен противник против силната Барселона, но тоа темпо не го издржа во вториот дел во кое Каталонците тргнаа фуриозно и триумфираа со 30:23 во седмото коло од Лигата на шампионите.

Без никакви стеги и притисок ракометарите на Вардар влегоа во најтешкиот дуел од групата каде командува најголемиот фаворит за титулата, тимот на Барселона. Изненадувачкиот нерешен резултат во Скопје беше дополнителна мотивација за јуначки пристап на овој натпревар.

Домаќините стигнаа до првото поголемо водство од 6:2, но не поради големата надмоќност, туку поради големиот број на технички грешки на Вардар и проблемот со реализација која недостасуваше 9 минути. Следната шанса за да се одлепи Барселона при резултат 7:3, нашиот шампион не им ја дозволи и направи фантастична серија од 4:0 за израмнување.

Каталонците побараа тајм аут, но тоа не им донесе резултат. Црвено црните беа рамноправен противник и одлично им се спротиставија на домаќините, особено Страхиња Милиќ кој правеше чуда на голот и успеа да им скроти дури 10 шута во првите 30 минути.

Вардарци продолжија мотивирано, играа гол за гол и пет пати во низа го израмнуваа резултат. Мал пад во играта се случи на 3 минути до крајот, а Барселона тоа го искористи и влезе во серија од 3:0 за водство од 14:11 на полувремето.

Одличен старт нашите ракометари имаа и на стартот од вториот дел во кој стигнаа и до првото водство од 17:16, а најзаслужен за тоа беше Тимур Дибиров. Искусниот Петриќ ја имаше честа Вардар да поведе и по втор пат на ова тешко гостување, но тоа беше последниот резултат на кој можевме да се радуваме.

Каталонската машинерија предводена од Лазаров и Карабатиќ тргна дрско кон голот на Милиќ кој иако блесна на овој меч со фантастични 19 одбрани, не можеше да стори ништо во серијата на Барселона од 9:1 по која веќе беше познат победникот на овој меч.

Еден од клучните елементи за падот и немоќноста на Вардарци покрај проблемите во нападот беа и големиот број на исклучувања во вториот дел за време на кои Шпанците почнаа да ја прават клучната серија на натпреварот.

Во нашиот табор покрај голманот Милиќ, одлични беа и Брумен со 6, и Душебаев и Дибиров кои постигна по 5 погодоци. Најпрецизен на мечот беше Кире Лазаров со 7 гола од кои 5 ги постигна од пенал, а Карабатиќ додаде 5 погодоци.

30 ноември 2013 - 17:51