Доктор Кире Лазаров и Никола Митревски ѕверот

За првиов само небото е граница, а вториот ги пушти пипците и одигра блескава партија. Македонија ја победи Украина со звукот на сирената откако капитенот се крена од 9 метри и со дрзок шут го реши натпреварот. Не е нормален како го изведе тоа.

Иако важеше за фаворит, македонската ракометна репрезентација се изнамачи за да ја добие Украина на првиот натпревар на Европското ракометно првенство кое за прв пат се игра во три земји.

Македонија ги собра планираните бодови против Украина во салата Штадхале во Виена, но тоа не беше ни малку глатко, туку тешко и тесно со резултат од 26:25.

Нашите репрезентативци кои гинат секој јануари на големите континентални натпреварувања, не навикнаа секој јануари на натпревари со висок адреналин, но ваква драма во прво коло против аутсајдерот во групата не очекувавме ни на сон.

При водство од 5 гола разлика во три наврати кое ветуваше лесна и сигурна победа, Македонија се доведе во ситуација да има нерешено на крај и во последните 30 секунди да тргне со меч топка во напад.

Украинците направија прекршок на 8 секунди до крај. Фаулот од 9 метри беше изведен, Кире стоеше со топката далеку од голот и кога изгледаше дека ќе нема изградена позиција за удар, се доближи на 9 метри и ѕверски ја закова во гол.

Токму капитенот беше најефикасен на мечот со 8 гола, Манасков постигна 5, а Талески и Стоилов по 4. Никола Митревски блескаше на голот со луди интервенции, а на крајот беше еден од најзаслужните за победата со вкупно 15 одбрани.

Мечот со Чешка е во недела со почеток од 16 часот. Мора подобро да се претставиме на тој меч, денеска нашите пружија партија со многу осцилации во играта.