Диви се повлече од репрезентацијата

Петар Ангелов - Диви, еден од најдобрите голмани во историјата на македонскиот ракомет преку својот Фејсбук профил објави дека ја завршува репрезентативната кариера.

Петар Ангелов - Диви кој на 8. март наполни 39 години реши да се повлече од државната селекција чијшто дрес го носеше повеќе од 20 години. Учествуваше на Светските првенства во Хрватска и во Катар, како и на Европските во Србија и Данска.
„Почитувани ракометари, колеги, навивачи, роднини, пријатели, новинари...
 
По повеќе од 20 години репрезентативен стаж почнувајќи од младинските па се до сениорската репрезентација, и повеќе од година и пол размислување, мислам дека едноставно дојде време да го соблечам дресот со државниот грб.
 
Дадов се за Македонија, секогаш со срце сум настапувал за единствената земја која ја сакам, и горд сум на се што направив, а се надевам дека и сите Вас барем еднаш со моите одбрани сум Ве направил среќни.
 
Да бидам искрен, фејсбукот не е мој терен, па наместо лајкови, многу повеќе ќе ми значи Вашето присуство на прес конференцијата која наскоро ќе се оддржи, а на која ќе Ви се заблагодарам на сите за сите овие прекрасни години и заеднички да им посакаме успех на нашите репрезентативци на квалификационот турнир за олимписките игри во Рио.“
 
Со срце за Македонија,
 
Петар Ангелов Диви