Ракометна Лига на шампиони

Дебакл на Вардар на Фајнал Форот во Будимпешта

Ракометарките на Вардар ниту трет пат по ред не успеаа да се пласираат во финалето на Лигата на шампионите. Вардарки беа огромен фаворит, но загубија од дебитантот на Ф4, Букурешт 27:21.

Анемични, инфериорни и без никаква желба за победа, ракометарките на Вардар загубија од романскиот првак Букурешт кој беше сметан за аутсајдер на финалниот турнир на најдобрите четири екипи во Будимпешта.
 
Јованка Радичевиќ го отвори натпреварот со гол за водство на Вардар, но набрзо следуваше фуриозна серија на Букурешт од 4:0 и тоа беше прв сигнал Индира Кастратовиќ да вика тајм-аут. Лејно не успеа да одбрани ниту еден од почетните удари, а одбраната на Вардар делуваше почетнички. 
 
Манеа, најдобрата ракометарка на мечот, со Фискер и Гулден продолжија да ја полнат мрежата на Вардарки и во еден момент Романките водеа 7:1. За тоа колку лошо играше Вардар покажува и податокот што цели 11 минути не дадоа гол, за конечно Барбара Лазовиќ да намали на 7:2.
 
До полувремето работите не се сменија драстично и Црвено-црните заминаа на паузата со негатива од 5 гола (14:9).
 
Иако со гол го отворија вториот дел, ракометарките на Вардар во продолжение не реализираа три чисти напади, а Букурешт повторно тргна во серија. Од тој момент беше јасно дека натпреварот замина во неповрат. Највисоки 11 голови предност, Букурешт имаше во 44. минута, така што на Вардарки единствено им преостана да го намалат резултатот за конечни 27:21.
 
Прв стрелец на мечот беше Родригеш со 6 голови, Андреа Лекиќ кај Вардар даде 5. Јунак на триумфот на романскиот тим без сомневање беше голманката Грубишиќ која забележа 19 одбрани. Невообичаено лош настап имаше Андреа Пенезиќ која до вечерва постигна 71 гол во Лигата на шампионите, а во полуфиналето даде само еден единствен гол. Притоа Вардар имаше неверојатни 19 технички грешки и 3 промашени пенали што за еден полуфинален меч имаат посебна тежина.
 
Ким Расмусен, човекот кој мал период мина на клупата на Вардар, вечерва славеше можеби најголема победа во кариерата, затоа што со екипата која сите ја сметаа за тотален аутсајдер, влезе во финалето.
 
За третото место, Вардар утре од 15:15 ќе игра против Будуќност кој загуби во првото полуфинале од домаќинот Ѓер. Финалето меѓу Ѓер и Букурешт се игра од 17:45.