Ракометарите на Вардар на гостувањето во Полска преживеаа права мала ракометна војна која заврши со два црвени картони (Алекс Душебајев кај Кјелце и Вуко Борозан кај Вардар).
Полскиот состав имаше контрола над мечот од почеток до старт иако Вардар неколку пати резултатски се враќаше.
Тимур Дибиров и Шишкарев лошо го отворија мечот а Кјелце возврати со серија 3-0. Токму Дибиров беше стрелец на првиот гол на Вардарци кога погоди во празниот гол. Тоа не го натера Кјелце да подзастане, напротив, тргна силовито и поведе 8-4 па шпанскиот стратег на клупата на Вардар мораше да побара тајм-аут.
Во 14’ минута шок за гостите од Скопје. Вуко Борозан во еден жесток налет со лакт „го прекрши“ Јурецки и доби директен црвен картон. Од тој момент Вардар остана без својот најдобар играч во претходните средби.
Во финишот од првиот дел Вардар успеа да се приближи на 16-15, но не успеаа да израмнат а во последната секунда пред сирената, Столе Стоилов заработи исклучување па „црвено-црните“ вториот дел го започнаа со играч помалку и гол негатива.
Само што почна вториот дел, после пет минути игра Шишкарев го фаулираше Алекс Душебајев и доби исклучување но Шпанецот не се помири со тоа, реагираше грубо и заработи црвен картон.
Но Кјелце не се поремети по исклучувањето на својот најдобар играч затоа што Јанц кој заигра десен бек место Душебајев беше нерешлива енигма за Милосављев и Полјаците отидоа на 22-17 во 43’ минута.
До крајот од мечот македонскиот шампион не успеа да се справи со физички снажните противници и загуби 31-27. Скубе и Дибиров беа први стрелци кај Вардар со по шест погодоци, Шишкарев даде четири а Лука Циндриќ беше најефикасен на мечот со осум гола од девет шута. Хрватот беше најзаслужен за славјето на Кјелце.