Една година пред да биде домаќин на ЕП 2016, селекцијата на Полска на осминафиналниот дуел против Шведска, кој го доби со 24:20 го покажа својот потенцијал за ракомет.
Пласманот меѓу најдобрите 8 не е воопшто изненадување за земја која го игра 14-от Мундијал и која во „Куќата на Славните“ има легенди како Јержи Клемпел (бронза на ЛОИ 1976), Даниел Вашкевиќ (210 репрезентативни настапи) и Мариус Јурашик, актуелен репрезентативец и член на Кјелце кој игра како десно крило и кој освои сребро на СП 2007.
Полската ракометна репрезентација врвот на Олимписките игри го достигна во 1976 година кога ја освои бронзата, а колекцијата на медали од Светските првенства покрај со среброто од пред осум години им се состои и од две бронзи освоени во 1982 и 2009 година. Најдобриот пласман на Еврошампионатите го оствари во Австрија 2010, кога стигна до четврто место.
„Хрватска е Хрватска, голем тим и земја која произведува таленти. Им ја анализиравме играта детално и ќе се обидеме да ги погодиме во слабите точки. Не би избрал да играме против нив, но поради повреди и некои други околности, не успеавме да го освоиме првото место во групата. Повторно ќе се потпреме на нашите високи и силни играчи и на нивната способност за одбрана“, вели селекторот на Полска, Мајкл Биглер.
На голот Пољаците го имаат “вечниот“ Славомир Шмал кој им брани од 1998 година и кој со своите 36 години има 248 репрезентативни настапи. Тој беше клучен фактор за освојувањето на двата последни медали на Полска, а ИХФ во 2009 година го прогласи за играч на годината.
На минатите два Мундијали, селекцијата на Полска заврши на 8. и 9. место, а пречка им беше Унгарија. За да останат во игра за медал, овој пат ќе се соочат со ракометна велесила која има уште поголемо педигре и успеси.
Покрај поразот во полуфинале на Светското пред шест години, Полска загуби од Хрватска и на Европското првенство во Данска 2014-та. Голем дел од играчите кои се соочија во Хрватска сè уште се актуелни репрезентативци, а нивниот силен адут е висината.
Хрватска и Полска се селекции со највисоки ракометари во Катар. Просечната висина кај Пољаците е 1,96м, а кај Хрватите 1,95м. Третиот највисок играч на Мундијалот го има Полска, а тоа е пивотот Камил Сипшак кој е висок 2,10 метри.