Стратегот на Металурзите уште еднаш го искажа големото задоволство од победите против Барселона и ПСЖ, со што неговите ракометари покажале дека заслужено стигнале до нокаут фазата преку “групата на смртта“.
„Мило ни е што повторно сме во осминафинале и што повторно публиката ги зграпчи веднаш билетите. Нема да ни биде лесно. Играме против искусен тим со ракометари кои се во зрела возраст. Тука се Хвид, Спелерберг и Јоргенсен кои со години ја носеа Данска до медали. Колдинг има многу малку примени голови и игра цврста одбрана со висока зона. Ќе биде тешка борба и за да и парираме на една ваква екипа ќе мора дадеме над 100%, да се жртвуваме и да се фрламе на терен“, рече Лино Червар.
„Ако успееме да не го разбраниме Каспер Хвит, нашите шанси на овој меч се многу големи. Важно ќе биде и нашите голмани да бидат во ритам, да имаат барем 15 интервенции. Сакам да се создаде една позитивна атмосфера, навивачите да ја препознаа нашата борбеност и да ни дадоа крилја на патот до победата“, изјави Миркуловски.
Хрватскиот стратег смета дека Данците се фаворити на овој дуел, но статистиката е на страната на тимот од Автокоманда кој до сега победувал на сите пет осминафинални средби под капата на ЕХФ, додека Колдинд има седум порази на 10 меча на првиот дуел во оваа фаза.
Викенд ракометната треска во салата „Борис Трајковски“ започнува в сабота со мечот помеѓу Вардар и Хамбург од 18 часот, а еден ден подоцна во 16:55 е закажана средбата Металург – Колдинг.