Металург минатата недела загуби 21:20 од романскиот првак, а веќе ова коло ќе има можност да му се реваншира и да стигне до трет триумф оваа сезона во Лигата на шампионите.
„Гледате што е спорт, кога почнавме ЛШ многумина рекоа ќе бидеме среќни ако освоиме само бод. Имавме два несреќни порази, а да не се случеа ќе бевме на врвот на табелата. Но од 16 играчи во тимот 11 ни се младинци и со тоа го плативме неискуството. Посебно ми е криво за Скјерн каде можевме да освоиме бод. Криво ни што не ги искористивме тие можности, но да бидам незадоволен и да ја критикувам екипата, покажаа квалитет и како млади играчи не се предаваа, се бореа до крај. Коментарите во Европа се позитивни, единствено ми пречи што некои играчи мислат дека веќе многу знаат и дека се на исто ниво со големите играчи. До Романија патувавме 15-16 часа со автобус и никој не се пожали. Затоа инсистирам да бидат скромни и да не летаат многу, туку да работат, да се борат и да се докажуваат“, изјави Червар.
Хрватскиот стратег го анализираше и противникот на кој му ја препушта фаворитската улога.
„Баја Мара е посилен клуб од нас, но тоа не значи дека треба кренеме бело знаме. Главен играч им е Татри, кој е поранешен репрезентативец на Унгарија. На првиот меч го немаа Афитулин, но Карачиќ добро го замени. Искусни се и физички се силни. Левиот бек Рамба исто така ни правеше многу проблеми. Слушнав дека имале финансиски проблеми, но мислам дека знаат што работат и конкурираат за второто место на табелата“.
Мислење за следната пресметка даде и голманот на Металурзите.
„Многу ни е криво за последните два меча што ги загубивме, но мораме со главите горе, да го дадеме максимумот и да одиме на победа. Два бода од овој меч би ни значеле многу за пласман во следна фаза. Со темпото кои ни го наметна тренерот си го наметнавме тој императив да бидеме на врвот на табелата“, рече Даниел Дупљачанец.
Инаку Лино Червар за мечот против Баја Маре кој се игра в недела со почеток од 17:30 изјави дека Божовиќ кој е еден од главните играчи оваа сезона за Металург ќе игра, иако се уште има здравствени проблеми.